08.06.2023

Мицкоски: Преку предлогот на ВМРО-ДПМНЕ се заштитува идентитетот и се избегнуваат дополнителни отстапки на штета на Македонија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски коментирајќи ја разликата меѓу предлогот на власта и предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, истакна дека преку предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени да влезат ефективно во Уставот кога Македонија ќе биде членка на ЕУ, се заштитува идентитетот и се кажува дека нема да има дополнителни отстапки на штета на македонскиот народ.

„Кога станува збор за уставните амандмани ние рековме во ред, не е проблем, еве да речеме да го прифатиме нивното гласање, но да биде ефектот одложен, односно со одложено дејство. Тоа значи дека околностите нема да се променат, нема да имаме промена на Устав, тие амандмани нема да бидат дел од новиот Устав сѐ  до моментот додека Македонија не стане земја членка на ЕУ. На тој начин го заштитуваме нашиот идентитет и на тој начин ние кажуваме дека нема да има дополнителни отстапки коишто ќе можат да му наштетат на нашиот идентитет. Ако навистина Европа толку многу не сака, ќе сака овој процес брзо да оди, да одиме на брза трака, да преговараме, да станеме земја членка на ЕУ, и така тогаш мора да го отвориме Уставот, бидејќи пред пристапувањето секоја земја го отвора Уставот и тогаш веќе можеме да зборуваме за овие уставни измени да бидат ефективни“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека еден од главните услови на ВМРО-ДПМНЕ што се однесува на евентуалната широка влада беше во истата да не учествува Демократската унија за интеграција

„Како одговорна политичка партија и како одговорни политичари, секогаш сме подготвени да разговараме кога станува збор за иднината на нашата татковина, на Македонија. Таков беше и разговорот вчера, условно кажано лидерската средба со господинот Ковачевски. Од негова страна беше дадена понудата да отстапи 5 министерства кои што во овој момент ги управува во владата СДСМ и да му ги понуди на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат на тоа ВМРО-ДПМНЕ да даде поддршка на уставните амандмани, да се завршат ти уставни амандмани, да се отпочнат преговорите и потоа така да се оди на избори. На тоа мојот одговор беше следен, во ред ја прифаќаме понудата за да учествува ВМРО-ДПМНЕ во идната влада до избори, се разбира, таканаречена преодна влада, но имаме услови за тоа што е нормално. Кога доаѓате на преговори вие морате да ги поставите работите и да преговарате. Ако вие го прифатите 100 нула предлогот на вашиот соперник условно кажано во тие преговори, тоа е диктат, ултиматум, тоа не се преговори. И ние рековме прв услов е конечно Македонија да ја ослободиме од ДУИ. Таа нема потреба да биде од таа условно кажано преодна влада и јас го поздравувам потегот на господинот Бујар Османи што тоа го прифати во името на ДУИ, да таа не биде дел од оваа условно кажано преодна влада до изборите, потоа граѓаните ќе кажат дали во некоја идна влада тие ќе бидат или нема да бидат, а ние као ВМРО-ДПМНЕ го знаете нашиот став кој е поврзан со ДУИ дека ќе сториме сѐ што е во наша моќ што е во рамките на законите и Уставот и во рамките на демократијата ДУИ да остане и понатаму во опозиција бидејќи е здраво. Опозицијата е добар период кога можете да се реструктуирате внатре, да видите и некои нови политики, некои нови хоризонти, за да можете потоа на следните избори да учествувате“, потенцираше Мицкоски и додаде дека многу е важно тоа што власта прифати дека нема мнозинство за уставните измени и дека и покрај лажните вести кои ги испраќаа во јавноста дека преговорите се започнати, и покрај сите отстапки кои ги направија на штета на Македонија, преговорите не се отворени:

„Важно е да се напомене дека од лидерската средба вчера можеме да констатираме дека во овој момент владата го нема потребното мнозинство, односно нема две третини во Парламентот за уставните измени кои што ги прифати пред една година без да биде консултирана опозицијата, односно да биде консултирана ВМРО-ДПМНЕ. Да бидам уште попрецизен, кога се нудеше ВМРО -ДПМНЕ, тие го одбија, кога предупредуваше го игнорираа и потоа кога нудевме континуирано решение, тие некако тие решенија ги игнорираа исто како што го игнорираа сето она кое што беше ставено од страна на ВМРО-ДПМНЕ на маса. Така што тие креираа проблем, а сега проблемот е на маса и очигледно е дека во овој момент, година дена потоа и покрај оние растурања пердуви дека преговарале со толкав број пратеници, со онолкав број пратеници итн. 44-те потписи на пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да прифатат промена на Устав под бугарски диктат и во овие околности се на маса, а тоа значи дека тие немаат доволен број пратеници за да ги направат овие уставни измени. Втора работа која што е многу важна, која исто така треба да ја напоменеме е тоа дека и покрај тоа што континуирано испраќаа во јавноста лажни вести дека преговараат и дека преговорите се започнати, се сеќавате изминаа 5 години од онаа слика во авиончето кога ни рекоа дека почнуваме да преговараме еве вчера станува јасно дека преговори нема и дека Македонија не преговара со ЕУ и покрај сите отстапки што ги прифатија како влада и со договорот од Нивици и сега со бугарскиот договор и додатоците на бугарскиот договор, сѐ уште Македонија не преговара и дополнително е потребно да се направат нови понижувања“.