17.06.2024

Мицкоски: Повративме 3/4 од тоа што СДС го имаше кон ДУИ, додека сите работат за Македонија ќе бидеме еднакви партнери во владата

За неколку дена Македонија ќе ја добие новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во изминатиот период кога се договораше оваа влада внимателно ги следев оние пораки од одредени политички центри од новата опозиција дека премногу им се дало на коалицијата Вреди што е ноторна измислица, замислете тие кои коленичеа во Речица кои 7 години беа главни измеќари на ДУИ нам кои повративме најмалку три четвртини од позициите кои ги изгубија ни велат дека сме дале премногу. Нека биде и така, рече претседателот Христијан Мицкоски на денешната прослава на 34 роденден на партијата.

Мицкоски укажа „сакам да кажам дека ние не даваме, ниту земаме, затоа што Македонија е заедничка држава и се додека албанските и другите коалициони партнери работат по закон и во интерес на државата ќе бидеме еднакви партнери во Владата“.

Според Мицкоски ако било кој застрани со криминални или други агенди ќе биде веднаш санкциониран кој и да е, вклучително и од ВМРО-ДПМНЕ и ќе биде повикан на одговорност додавајќи  дека нема да дозволи ВМРО – ДПМНЕ да стане тоа што беше и е СДСМ.

„Ниту па ќе дозволам Вреди да стане тоа што беше ДУИ. Ќе има работа, но и одговорност. И тука никој не треба да има дилеми.  И колку и да се обидуваат поразените конкуренти да го одвлекуваат вниманието од вистинските теми, да прават диверзии, чудно да откажуваат кислородните компресори во хируршките сали и да нема операции, да снемува документи по институции,  да се измислуваат медицински факултети по приватни фирми на кадри на ДУИ преку ноќ,  треба да знаат дека ќе ги решаваме сите проблеми, со голема посветеност“, кажа Мицкоски.
Мицкоски додаде дека „додека тие се однесуваат како разгалено дете кое мисли дека го има природното право на фотелјата дадена од народот, додека не бираат зборови и навреди да го омаловажат секој наш чекор, јас одбирам да не се занимавам со нивните валканици, туку да го реализираме она што го ветувавме пред изборите“.