03.10.2023

Мицкоски: Повикувам Европа да не дозволи во 21 век повторно руските интереси на Балканот да бидат реалност и да се случи асимилација на македонскиот народ

Во историјата наназад секогаш кога Бугарија се обидувала да го асимилира македонскиот народ или да го негира македонскиот идентитет позади таа акција секогаш стоела поддршката од Русија односно руските интереси на Балканот, така било и за време на Санстефанскиот договор кога практично денешна Македонија ја добива Бугарија како подарок, а е резултат на оној договор кој го направиле министрите за надворешни работи на тогашната Русија и Отомаската империја, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за време на денешната посета на Охрид во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ говорејќи за тоа дека зад диктатот на Бугарија се е меѓудругото и руските интереси.

„Истото се случило и кога е напуштен Бледскиот договор од страна на Бугарија еднострано по налог на тогашниот советски претседател Сталин и истото за жал денеска само со македонска рака го потпиша триото Ковачевски-Пендаровски-Османи. Често пати велам кога би бил Тодор Живков жив би бил многу горд на овие тројца и би ги нарекол сигурен сум како благонадежни Блгари“, рече Мицкоски.

Затоа повикувам, додаде Мицкоски, Европа да не дозволи во 21 век повторно руските интереси на Балканот да бидат реалност и да се случи асимилација на македонскиот народ.

„ВМРО-ДПМНЕ е јасна во овие позиции и ВМРО-ДПМНЕ под ниту една цена нема намера да отстапи и по ниту една цена нема да го прифати бугарскиот диктат. ВМРО-ДПМНЕ само бара правата на македонската заедница во Пиринска Македонија бидат испочитувани исто онака како што биле испочитувани и признаени за време на Бледскиот договор потпишан помеѓу тогашниот југословенски диктатор комунистички Тито и бугарскиот комунистички претседател Ѓорги Димитров. Тоа е комплетна културна автономија давање на целосно право културно на Македонците да учат на свој мајчин јазик, дури имало и македонски народен театар. Од една страна имате 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права во Стразбур Пресуди кои се со фокус на правата на македонската заедница во Бугарија и нула пресуди за бугарската заедница во Македонија чии права се тука загрозени кој е предмет на асимилација и кој е предмет на тортура и терор, многу е јасно. А ВМРО-ДПМНЕ нема намера да прифати бугарски диктат“, кажа Мицкоски.