27.07.2022

Мицкоски: Народот е тој што кажува дали се поминати црвените линии, ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе продолжи да го штити македонскиот идентитет

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при посетата во Гевгелија, одговараше на новинарско прашање кое се однесуваше на неодамнешната изјава на Оливер Вархеи, во која рече дека делувањето на опозицијата ги преминала црвените линии. Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ мора да ги држи своите позиции бидејќи тоа е партија од народот и мора да ги штити нивните интереси.

– Македонскиот народ е жестоко нападнат од асимилаторските потреби од страна на нашиот источен сосед, односно да бидам попрецизен – од една земја членка на Европската унија а тоа е соседна Бугарија. Ние сме партија за македонско национално единство и не смееме да избегаме од тоа.

Тоа што јас го гледам на отворена сцена овие денови е обидот на власта но и нејзините инсталации во опозицијата да го нападне ВМРО-ДПМНЕ и јас морам да ја искористам оваа прилика да упатам една порака дека тоа се јалови напади кои нема да имаат успех бидејќи позади ВМРО-ДПМНЕ е народот бидејќи народот препозна чесна борба во ВМРО-ДПМНЕ. Јас ги препознав тие инсталации, ги препозна и народот и затоа тие инсталации се поразени и повторно ќе бидат поразени а истите тие сега сакаат да фатат приклучок со ВМРО-ДПМНЕ вршејќи ваков притисок, уценувајќи, мислејќи дека утре кога ќе има ВМРО-ДПМНЕ владино мнозинство, повторно тие ќе уживаат некакви привилегии и бенефити на грбот на народот. Ова е ново ВМРО-ДПМНЕ, реформирано, реструктуирано и нема да биде заложник политика на ВМРО-ДПМНЕ на овие инсталации или јас како што ги нарекувам – полусвет, сѐ додека сум јас претседател.

Или ВМРО-ДПМНЕ ќе биде партија ќе има три основни карактерни особини: чест, работа и напредок, или ќе биде партија која ќе се враќа во минатото каде ќе има сомнежи за сторен криминал, сомнежи каде ВМРО-ДПМНЕ ќе го враќаат назад и тоа сѐ ќе биде поради овие инсталации и тој полусвет кој што сака да креира политики во ВМРО-ДПМНЕ. Не!

ВМРО-ДПМНЕ е современа, европска партија која е ориентирана кон народот, кој гласачите и гласачите кои кажуваат дали некој треба да се отрезни или некој сѐ уште е пијан. Гласачите и народот се тие кои кажуваат дали се поминати црвените линии или не се поминати црвените линии. Овој пат да, морам да признаам дека во нешто се сложувам со господинот Вархеи, иако го разбирам, неговата цел не е да сочувствува со нас, неговата цел е да си ги заврши работите, а наша цел е да ги одбраниме од асимилација тие работи.

Затоа, сакам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи и понатаму да го штити македонскиот идентитет бидејќи единствената црвена линија која е помината е линијата на достоинството. И нема цена, понатаму веќе нема цена, нема веќе политика, нема веќе поличка кариера, сега е моментот кога треба да се биде или не! Таа е состојбата, или македонскиот народ ќе опстои и ќе трае со векови и ќе го поврати изгубеното, или после овие обиди ќе биде трајно асимилиран. Тоа е битката на ВМРО-ДПМНЕ и тоа е задачата на ова реформирано, реструктуирано и ново ВМРО-ДПМНЕ кое е подготвено да се соочи со реалните проблеми наспроти овие криминалци во владата – рече Мицкоски.