10.10.2023

Мицкоски: Наместо кукавички да бегаат СДСМ да излезат на избори и да се соочат со народот

При денешната посета во општина Ново Село во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа како ги коментира анкетите кои излегоа и дали е можно помирување со СДСМ, истакна дека анкетите се јасни, а СДСМ наместо кукавички да бегаат да излезат на избори и да се соочат со народот бидејќи тоа е најголемата анкета.

„Јасни се мерењата на јавното мислење дека ВМРО-ДПМНЕ има повеќе од два пати предност во однос на СДСМ, историски најголема до сега тоа не се случило да опозициска партија има толкава разлика во однос на владејачка парија претпоставувам дел си има влијание и тоа што тие така измеќарски и поданички се однесуваат во однос на демократската унија за интеграција па народот не гледа таму перспектива ниту пак визија. Јасна е разликата во квалитет, јасна е разликата во понуда и во испорака, е сега тоа што кај СДСМ предизвикува паника, па во паника креираат штапски анкети и има некои медиуми кои што тие штапски анкети блиски до СДСМ и ДУИ ги лиферуваат тоа е веќе нивен проблем. Јас често пати зборувам јавно, јасно и гласно дека наместо кукавички да бегаат најголемата анкета е соочувањето со народот. Можеби јас не ја говорам вистината можеби овие објективни јавни мерења не се точни можеби тоа што тие го креираат штапски е точно, има еден начин да покажеме какви се вистинските бројки а вистинските бројки се кажуваат на избори. Повторно ќе ги повикам кукавиците од СДСМ да се соочат јавноста да не се кријат и да излезат и од таа анкета нема бегање. Дали ние како ВМРО-ДПМНЕ или тие како СДСМ ќе го дознаат вистинскиот резултат и вистинските бројки. Што се однесува до помирувањето ние немаме проблем со никого да седнеме да разговараме ВМРО-ДПМНЕ е демохристијанска партија подава рака секому, ние помниме не забораваме но простуваме, но за криминалците во политиката помирување ќе има тогаш од како најпрвин ќе се соочат со одговорност за криминалот и за сето тоа што го направија на овој народ и на Македонија како држава. Дури од како ќе се соочат со таа одговорност може да седнеме и да разговараме за било какви понатамошни помирувања, до тогаш тоа е само желба на тие политички криминалци, кои што на грбот на овој народ станаа од под просечни бизнисмени, просечни бизнисмени па и милионери“, нагласи Мицкоски.