16.03.2023

Мицкоски: Коридорите 8 и 10Д се приоритет и на ВМРО-ДПМНЕ, но нема да дозволиме криминал, за криминалот со надзорот тежок 22 милиони евра одговорност ќе има, како ревизија, така и истрага

„Јас прв го објавив тој скандал, и можам да кажам дека овој скандал има епски размери не само во обемот на криминалот од 22 милиони евра, туку од брутално лошиот пристап од страна на Владата да објасни како прави криминал на отворена сцена. Па, тоа се обидува да го правда со тоа што ќе биле ангажирани експерти, а сите вие видовте дека станува збор за експерти од пет соседни држави, тука од соседството кои што ќе прокнижат повеќе од 22 милиони евра, народни пари“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски при одговарање на новинарско прашање од Битола во врска со скандалот со надзорот на коридорите 8 и 10Д.

Мицкоски додаде дека не очекува дека обвинителството ќе отвори случај за криминалот тежок 22 милиони евра.

„Не очекувам дека обвинителството ќе отвори случај. Не очекувам дека ова обвинителство и оваа власт ќе постапуваат. Но, ви ветувам дека следната влада на ВМРО-ДПМНЕ сигурно ќе се позанимава со тендерот за супервизија и надзор кој што практично има за задача да врши надзор на градежните работи и да ги потпишува градежните книги. А, врз основа на градежните книги ќе се исплаќаат пари од Буџетот во процесот на реализација на коридорот 8 и коридорот 10Д“, појасни претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ овие коридори ги има како приоритет во својата програма и што се однесува до изведбата на истите, ние сме апсолутно тука и стоиме на располагање на реномираната компанија „Бехтел“ да помогнеме во реализација на овие два коридора, но на законски начин со вистински супернадзор и со вистинска помош кои што ги понудиме на компанијата бидејќи приоритет е изградба на патна инфраструктура. Приоритет е и на претходната и на следната програма ќе биде изградба на автопатско решение кое што ќе ги поврзе Прилеп, Битола со граничниот премин Меџитлија, кое што ќе ги поврзе Гостивар, Букојчани со Кичево, а потоа и до Охрид и до Ќафасан и до соседна Албанија. Така што изведбата на овој коридор никогаш нема да биде под знак прашање бидејќи е дел од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ, но на законит начин“, нагласи Мицкоски.

Тој посочи коридорите треба да се изведат, но на законит начин.

„Исто така ви ветувам дека овие компании кои што се дел од процесот на избор на супевизор и надзор ќе биде и те како ревидиран, и те како некој ќе сноси одговорност затоа што не само што сака да украде 22 милиони евра, народни пари  туку утре и преку лажните количини кои што ќе бидат дел од овие проекти ќе сака дополнителни провизии, определени корумпирани политичари да стават во свој џеб“, укажа Мицкоски.