Вистината, порано или подоцна излегува на виделина за оние политички партии кои што со евтин популизам, преку статуси на социјалните медиуми се обидуваат да го привлечат вниманието на луѓето кои што со право се разочарани од политиката и така злоупотребувајќи ги чуствата на луѓето, мислат дека ќе добијат некој поен повеќе и ќе си обезбедат, ете пратеничка плата, советнички паушал и така натаму, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања од Штип во врска со неформалната коалиција на СДСМ-ДУИ-Левица.
Таквата коалиција, вели Мицкоски, е се поочигледна во локалната власта каде што советниците на овие партии во општинските совети гласаат разно разни одлуку, како таа носењето на ДУП-от во Карпош со кој се овозможува бетонизација и изградба на десетици високо катници.
„Во текот на вчерашниот и завчерашниот ден можевте да бидете сведоци на една непринципиелна коалиција, а тоа е коалицијата на политичката партија Левица, политичката партија ГРОМ и СДСМ каде што, да речеме, во општина Карпош заеднички си изгласаа Детален урбанистички план каде што ќе се градат десетици згради без да има услови за тоа да се направи, каде што не се предвидени градинки, училишта и така натаму. Тие кои што до вчера пишуваа статуси против урбанизацијата, сега заедно со принцовите на бетонот во Скопје ќе градат десетици урбани станбени блокови“, истакна Мицкоски.
Таквата коалиција, додаде Мицкоски, може да се види и во Советот на Град Скопје каде што пред неколку дена советниците на СДСМ, ДУИ и Левица ги изгласаа програмите за работа на претпријатијата и институциите под надлежност на градот за заеднички да прават бизниси.
“Пред неколку дена, коалицијата Левица-СДСМ и ДУИ во Советот на Град Скопје ги изгласа заеднички програмите на работа на претпријатијата и инстируциите кои што се под ингиренции на Град Скопје, нормално, за да можат заеднички да прават бизнис. Ете така функционира, за жал, таа политичка партија која што во јавноста се обидува да се претстави себеси како опозициска. Но, таа е опозициска на ВМРО-ДПМНЕ, а таму каде што во советите треба да го поддржи ВМРО-ДПМНЕ заедно со многу инсинуации, со многу опструкции работи против волјата на народот, односно против ВМРО-ДПМНЕ“, рече Мицкоски.
Затоа, пораката на Мицкоски до граѓаните и сите оние кои што се против оваа Влада на ДУИ, поддржана од малцинскиот коалиционен партнер СДСМ, е да се обединат околку коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ве молам, да не дозволиме да ни се повторат овие, веќе шеста година се навршува во јуни, да можеме да го сопреме ова уназадување, овој пад на нашата татковина, а потоа да ја развиеме онака како што и прилега. Затоа да не подлегнуваме на евтин популизам преку социјалните медиуми, а во суштина се гласаат станбени блокови за дебели провизии и за дебели бизниси од страна на определени политички партии“, посочи Мицкоски.