17.06.2023

Мицкоски: Изборите нема да бидат порака од народот за уставните измени, туку многу повеќе за тешкиот живот, доаѓа време за одговорност за сите кои краделе на грбот на народот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната трибина „33 години ВМРО-ДПМНЕ и Македонија“ истакна дека наредните избори нема да бидат само порака од народот за тоа што тој мисли за уставните измени, туку многу повеќе од тоа, порака од народот за оваа власт што тој мисли за реалниот живот кој е тежок, сиромашен, и многу несигурен.

– Овие избори ќе бидат многу повеќе порака од народот до власта за скапиот живот, инфлацијата која е двоцифрена и највисока во Европа, за немањето на здравствен систем, за корупцијата по судовите, обвинителството, за врските-непотизмот, криминалните тендери. Ова ќе биде и порака на оние добри луѓе кои со месеци молат пред вратите на институциите и се уште го немаат лекот Трикафта. Овие избори ќе бидат и порака на младите на кои им ги одземаа сите шанси, порака на докторите, медицинскиот персонал кој го обезвреднија, на земјоделците чија мака е неплатена, на невработените, но и вработените со ниски плати, на родителите кои треперат за своите деца, на сите оние храбри луѓе кои пред налетот на тешкиот живот им удираат по достоинството, на успешните луѓе кои ги прават со сила да се чувствуваат губитници, на пензионерите со кои си поигруваат, порака на сите нив на кои треба да им кажеме готово е, доаѓа крајот, изјави Мицкоски.

Мицкоски посочи дека готово е, ова мора да заврши со убедлив триумф на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на следните парламентарни избори

– Се запрашал ли секој од вас каде одат парите. Зошто тие се толку богати, а народот толку сиромашен. Зошто секој тендер на државата има однапред добиен понудувач. Зошто има пари за службени возила, а нема за нови клупи на училиште. Зошто има пари скапи државни прослави, разни државни форуми, а нема пари за грижа за болните од ретки болести. Зошто тие живеат во хациенди, а народот нема ни за сметки за струја. Одговорот е јасен, затоа што тие се богатат со потта и над несреќата на овој народ. И доаѓа времето за она што се вика одговорност. Време е за одговорност, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека дојде времето кога мора да се порамнат сметките со оние кои краделе и се богателе на грбот на овој народ.

– Одговорноста не е закана, туку мое ветување и нужен процес за секого, без разлика на вера, нација или било каква припадност или неприпадност, рече Мицкоски.