09.04.2023

Мицкоски за најавеното ревидирање на штотуку замрзнатите цени на производите: Политичка гимнастика за потребите на ПР-от на власта која колку побргу замине толку подобро за државата и граѓаните

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска пред почетокот на панел дискусијата „32 години на страната на младите“ одговарајќи на новинарско прашање за најавите од страна на владата дека ќе се ревидираат цените на производите кои беа замрзнати пред само неколку дена, истакна дека тоа е политичка гимнастика за потребите на ПР-от на владата, па затоа оваа владата на ДУИ поддржана од малцинскиот партнер СДСМ треба што побрзо да си замине за Македонија што побргу да почне да победува.

„Tоа е политичка гимнастика за потребите на нивниот ПР. Денеска ќе поевтиниме, ќе замрзнеме, па утре ќе не притиснат оние кај кои што имаме концесија, бидејќи не финансираат на ваков или таков начин и потоа ќе мора да ги покачиме. Така функционира оваа влада на ДУИ поддржана од малцинскиот партнер СДСМ и затоа кога зборуваме за предвремени избори не не интересира гола власт, верувајте не не интересира, само да ги нема, затоа што тоа велат и луѓето, колку побргу замине оваа влада, толку подобро ќе биде за сите граѓани. Тоа е основната цел. Колку подолго се таму, толку повеќе проблеми ќе имаме ние како држава и како општество“, истакна Мицкоски.

Тој порача дека оваа борба лично негова и на ВМРО-ДПМНЕ не треба да се гледа како борба за власт туку како борба за што побрзо заминување на луѓето од власта кои делат милионски тендери за надзор во четири очи на фирми кои произведуваат долен веш и доделуваат земјиште на лица од семејствата за банални суми.

„Ве молам немојте оваа борба моја лична и на ВМРО-ДПМНЕ да ја сфаќате дека е борба за власт. Власт како власт не ни треба и ако сме исти веднаш да не сменат нас. Нас ни треба само овие луѓе да заминат од Илинденска број 2, затоа што колку побргу заминат, толку побргу Македонија ќе почне да победува. Компании кои што произведуваат долен веш добиваат тендери во 4 очи од 20-30 милиони евра, надзор се на капитални инвестиции од неколку милијарди евра, се доделуваат земјишта на блиски луѓе од семејства за банални суми и потоа ќе ме напаѓаат мене дека сум организирал напади на семејствата или не знам што не знам како, а тие самите ги вовлекуваат своите семејства во политичката арена, а потоа се чудат зошто јавноста ги напаѓа“, потенцираше Мицкоски.