Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска заедно со Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Ѓоргиев потпретседател на УМС , Тодор Конески секретар за меѓународна соработка на УМС на ВМРО-ДПМНЕ како и Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на партијата, остварија средба со европратеничката и претседател на Младината на ЕПП Лидиа Переира.
На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба и генералните политики кои власта ги спроведува за младите.
Претседателот Мицкоски заедно со Попов ја информира европратеничката Переира за проблемот со иселувањето, незадоволство на младите како и отсуството на реформи за младите чиј епилог е масовно чувство на апатија и разочараност.
Мицкоски посочи дека како претседател на најголемата политичка партија во Македонија ја поттикнува младинската соработка на сите полиња како и потребата од умрежување на младите и креирањето на младинските политики.
Попов како претседател на УМС истакна дека на младите власта треба да им даде поголема улога во креирањето на политиките и дека борбата на УМС е иднина каква заслужува секој млад човек.
Претставниците на партијата укажаа дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведи реформи и политики со кои ќе им се овозможи на младите својата иднина да ја градат во сопствената држава, а не надвор.
Соговорниците се согласија дека ваквиот тип на средби треба да продолжат и во иднина.