Ja слушав внимателно прес конференцијата на Димитар Ковачевски, таму има три мерки од кои две се предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се основните и средните училишта да добијат повластена цена на струја и јавните претпријатија кои испорачуваат водостопански услуги кои користат пречистителни станици и ги одведуваат отпадните води или канализација да добијат исто така повластена цена на струјата, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на посетата на општина Зелениково
Мицкоски укажа дека тоа се оние барања кои ги имаше ВМРО-ДПМНЕ и кои добро е што Владата и Димитар Ковачевски ги прифатија предлозите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа драматично ќе го олесни буџетот на граѓаните, буџетот на компаниите, но и ќе им помогне и на општините. Тоа се барања на ВМРО-ДПМНЕ и добро што престанаа да се инаетат и прифатија дел. Потоа Ковачевски вели дека ќе има повластена цена и за оние кои произведуваат храна, таа ќе биде 80 евра за мегават саат и околу 48 денари киловат час, другата 60 денари за киловат час. Што значи дека чекаа храната да поскапи за 31 процент затоа што вчера Државниот завод за статистика излезе со прецизна бројка споредено октомври минатата година со октомври годинава храната има зголемена цена за 31,2 проценти, а инфлацијата е близу 20 проценти“, кажа Мицкоски.
Според него надлежните чекаа да се покачуваат цените и дека не очекува дека производителите ќе ги намалат цените. Сето тоа е влезено во спирала но подобро нешто, отколку ништо, заклучи Мицкоски.