15.09.2023

Мицкоски: Власта со недели не излегува со детекција за виновниците во Онкологија, нема оправдување, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ од корен ќе се зафати со проблемот и сите за кои ќе има докази ќе одговараат

Загрижени се од власта затоа што ако тој КАТО систем бил функционален тогаш многу јасно ќе дојдевме до одговорот на суштинските прашања кој е тој што ги злоупотребил животите на оние луѓе кои за жал поради недоволна медицинска грижа беа загубени изминативе години, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при посетата на општина Бутел, одговарајќи на новинарско прашање за скандалот во Онкологија.

Мицкоски истакна дека разбира што актуелниот министер мора да бара изговори затоа што таква му е насоката, но нема оправдување ни за него ни за надлежните органи.

– Го разбирам овој министер дека мора да бара изговори, не можам да го оправдам, бидејќи таква насока добил од коалицијата и претпоставените.  Не можам да ги оправдам ниту надлежните органи кои се уште, по толку недели не излегоа со јасна детекција кој е тој виновник којшто предизвикал ова да се случува, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека идната власт на ВМРО-ДПМНЕ има намера сериозно да го реши овој проблем и виновниците да одговараат.

– Повторно ќе кажам од мое име и името на семејствата кои се жртви на овој грозоморен и траорен настан кој се случувал на клиниката за Онкологија, набргу од денеска  ќе имаме нова влада од ВМРО-ДПМНЕ која има сериозно во корен да се зафати со решавање на овој проблем и сите оние за кои постои основано сомневање и докази дека се богателе на грбот на животите на нашите сограѓани има сериозно да одговараат, потенцираше Мицкоски.