„Власта ги казнува жителите на општините каде што имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ затоа што не гласаа минатата година за предлозите на СДСМ. Народот не гласаше затоа што тие беа неуспешни и беа криминални и тоа народот повеќе не сака да го гледа и затоа на избори гласаше за луѓето кои што денеска и покрај сите опструкции, покрај сите кочници кои ги имаат, испорачуваат“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски од Свети Николе одговарајќи на новинарско прашање за неодобрувањето општински обврзници од страна на власта, со кои би се реализирале капитални проекти кои значително ќе го подобрат животот на македонските граѓани.
Како пример го посочи и Свети Николе каде што со сопствени општински средства се изгради спортската балон сала, исто така правени се улици и проекти со сопствени средства и покрај тоа што власта врши притисок и ги крати средствата, но, со домаќинско и чесно работење, во рамките на можностите се реализира програмата, повеќе од 90% од капиталните проекти предвидени во буџетот се реализирани.
Мицкоски посочи дека со оваа целта на власта е ги кочи овие општински обврзници, кој што за прв пат во Македонија се издаваат, и со тоа да ги кочи сите можни извори на средства за реализација на проекти за следната година.
„Бидејќи мислат дека ако не реализираат градоначалниците со тие средства проекти, така ќе паѓа рејтингот на градоначалниците, со тоа ќе паѓа рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ, а рејтингот на Ковачевски и СДСМ ќе расте. Се лажат. Тие што ги советуваат се лажат, затоа што народот точно знае да препознае. И без тие средства, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе дадат повеќе од максимум, преку чесно, храбро, одговорно и посветено работење да испорачаат тоа што ветиле. А, овие ќе потонат во својата злоба, а на следните предвремени парламентарни избори ќе заминат во опозиција која што ќе трае многу години, бидејќи никогаш повеќе не треба да дозволиме вакви политичари, злобни политичари да ја водат Македонија. Затоа што тие со својата злоба прават штета на сите нас. И што е најстрашно и прават штета на нашата држава, прават штета на Македонија“, рече Мицкоски.
Уште еднаш, додаде Мицкоски, сакам да ја информирам македонската јавност, дека милиони проекти стојат во депото на владата само поради една причина, политичка, затоа што владата на ДУИ и СДСМ не сака да дозволи Македонија да се развива, сакаат Македонија да тапка во место, да се уназадува и потоа таква каква што е да ја распарчуваат и да ја делат.
Тоа е суштината. И сите тие проекти нема да се реализираат затоа што оваа влада на СДСМ и ДУИ поради политички причини не дава да се реализираат. И затоа граѓаните на Штип, затоа граѓаните на Свети Николе, затоа граѓаните на Карбинци, граѓаните на Лозово, граѓаните на Велес, на Кратово, на Ранковце, на Виница, на Каменица, на Пехчево и така натаму во истокот, ќе бидат, за жал, оштетени поради тоа што владата на ДУИ и на СДСМ не дава да се реализираат овие проекти. Затоа што формалноста да помине преку влада тој документ иако, ќе повторам, тој документ претходно помина, како што е за штипската обрзница, преку македонската Комисија за хартии од вредност, преку Македонската берза и преку Министерството за финансии. Значи низа државни институции дадоа согласност, на крај формалноста е да помине преку владина седница, се трга од владина седница, еве поради која причина. Затоа што сакаат да ја уништат Македонија, нема друга причина. Потонати во својата злоба, сакаат да ја уништат Македонија“, истакна Мицкоски.
Додаде, тие нека тонат во злобата, ние ќе работиме и затоа ги повика македонските граѓани на следните предвремени парламентарни избори да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и актуелната власт да се испрати во опозиција каде ќе биде многу години.
„Затоа на следните предвремени парламентарни избори, масовно го повикувам народот, да излезе да гласа за ВМРО-ДПМНЕ, да гласа за проекти, да гласа за реформи, да гласа за нови политики кои што иднина ќе донесат, а не злоба и пакост. Да не гласаат за луѓе кои што се полни со нихилизам, да не гласаме за луѓе кои што и мислат лошо на Македонија и македонскиот народ и полни со злоба прават штета. Ете тоа е мојата порака која што е резултат на ова, вакво, вандалско, ненародно и насилничко однесување на власта на ДУИ и на СДСМ“, повика Мицкоски.