Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за коментар околу изјавите на премиерот Ковачевски и тоа што тој тврди дека договорот со Бехтел и Енка не е спорен туку е историски, истакна дека Ковачевски и луѓето од власта не дадоа одговор на ниту една дилема која ВМРО-ДПМНЕ ја покрена во јавноста, а со тоа што сакаа да ги злоупотребат владите на стратешките партнери велејќи дека стоеле позади договорот со Бехтел и Енка ѝ нанесоа огромна штета на Македонија и односите со САД и Турција.
„Од тоа што можам да го слушнам од Димитар Ковачевски, но и од луѓето во владата на ДУИ поддржана од помалиот партнер СДСМ е фактот што на ниту една дилема која што јавно ја кажавме во јавноста не добивме одговор. Видовме две невистини и слушнавме две невистини. Првата се однесуваше на тоа дека позади овој договор стојат владите на двата стратешки партнери на Македонија, а тоа се САД и Турција, но јасно дојде демантот од амбасадата на еден од овие два стратешки партнери и јас јавно ја уверувам јавноста дека ниту една влада во светот, освен оваа влада корумпирана и ваква каква што е на ДУИ поддржана од малцинскиот партнер СДСМ, нема да посредува во склучување на договори во коишто имаме билатерални релации помеѓу два партнера. Ниту една влада во светот, а камоли тоа да си го дозволи нашиот стратешки партнер број еден, а тоа е САД или вториот стратешки партнер, а тоа е Република Турција. Верувајте не постои. Тоа што они се обидуваа во јавноста да ги злоупотребат нанесе штета и на државата, но и нанесе штета во нашите односи кои што ги имаме со овие стратешки партнери и затоа можеби за првпат во историјата на Македонија, амбасадата на еден од овие стратешки партнери јавно реагираше и кажа дека ниту е запознаена, ниту пак учествувала во изработката на овој договор кој што јавноста сѐ уште го нема видено, а ние како ВМРО-ДПМНЕ го добивме од свиркачи“, потенцираше Мицкоски.
Тој додаде дека уште една лага на власта беше тоа што кажуваа дека поголемиот дел од ангажираните работници ќе бидат од Македонија, но и самиот Ковачевски ја демантираше СДСМ прифаќајќи дека тоа не е така.
„Ќе продолжам понатаму за втората лага, а тоа е работната недела и бројот на работници. Нели велеа дека бројот на работници ќе бил мнозински од Македонија, односно македонски работници ќе биле мнозинството итн. за да ние како ВМРО-ДПМНЕ, потпретседателот Александар Николоски објави дијаграми во кои што се гледа дека и во самиот договор вклучен е бројот на работници од Македонија да биде не повеќе од 30%. Иако СДСМ тврдеше дека тоа не е точно, самиот Ковачевски ја демантираше СДСМ велејќи, да тоа е точно, но бројот на компаниите кои што ќе бидат од Македонија, а кои што ќе учествуваат во проектот бил повеќе од 50%, односно 51%. Јавно го поставувам прашањето зашто тогаш ни е потребен ваков договор, зашто не ги викнале македонските компании? Имаме ние македонски компании кои што граделе автопатишта и во регионот, но и подалеку. Имаме, сега да не ги набројувам, но такви компании има многу. Зошто не ги викнале и под истите услови не им ги понудат на нив? Еве соберете ги сите компании во Македонија, еве ги условите кои што им ги понудивме на Бехтел и Енка, ајде вие изградете ги. Тогаш немаше да зборуваме за 51%, 30%, 70%, туку ќе зборувавме за 100% македонски компании кои што ќе учествуваа во изработката на овој, како што вие рековте, а го споменува Ковачевски, историски проект“, подвлече Мицкоски и додаде:
„За дилемите зошто потпишале договор каде што бараат продолжување на работната недела од 40 на 60 работни часа, иако е спротивно на Уставот и свесно прифаќајќи да плаќаме стотици милиони евра пенали кои народот треба да ги плати. Зошто го суспендирале македонското законодавство и прифатиле законодавство од друг модел, англосаксонски, односно законодавството на Англија и Велс? Зошто прифатиле дивоградбите да се експроприираат по иста цена како и легални изградените објекти и уште многу зошто во периодот кој што следи ќе покажуваме во јавноста. Зошто прифатиле грешките во проектот на изведувачот да ги плаќаат граѓаните, односно да се плаќаат преку ЈПДП, ќе треба да одговорат. Ако не сега, многу бргу со формирањето на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ пред истражните органи, во обвинителството на суд“.