28.11.2022

Митева: Нападите врз новинарите и медиумите се резултат на нивниот став од незаконското работење, бараме итни оставки

Власта веќе со години врши и се обидува да врши контрола на информирањето и ја загрозува и крши слободата на изразување и на слободата на медиумите. И тоа е така затоа што функционерите на власта се чувствуваат недопирливи и сметаат дека никој не смее да ја загрози нивната комоција која ја чувствуваат преку власта, вели Марија Митева портпарол на ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на новинарско прашање кој е ставот за неколкуте напади кои се случија врз новинари од страна на владини функционери.

Митева нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува недоличното и срамно однесување од владините функционери врз новинарите и побара итна оставка, потенцирајќи дека на овој начин владата на СДС се обидува да ги цензурира медиумите.

Ние, ваквиот начин како политичка партија најостро го осудуваме, ова е срамно и недолично однесување за кое бараме итна оставка од страна на функционерите кои вербално нападнаа новинари. Власта треба веднаш да престане да се обидува да цензурира и да ја замолчи јавноста, нивниот погрешен начин на раководење со институциите резултира со сеење на страв во медиумите затоа што не можат да го запрат излегувањето на криминалното и незаконското работење за кое секојдневно слушаме. И наместо да понесат одговорност за незаконското работење, сега виновни им се новинарите, порача Митева.