Благодарение на оваа Влада, денес Република Македонија е далеку од гасифицирана држава. Скоро шест години откако се на власт, немаат започнато ниту еден нов проект за гасификација, освен што работат на проектите кои започна да ги гради претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година. Иако не се нивни проекти, не успеа ниту да ги завршат во зададените рокови според кои изградбата требаше да биде завршена уште пред неколку години.
Во недостиг на конкретни решенија за справување со енергетската криза, Премиерот настојува да остави впечаток дека оваа Влада постигнала некаков успех во гасификацијата на Македонија.
Гасоводот Кавадарци-Прилеп-Битола според роковите за негова реализација требаше да биде изграден пред три години, а не сега да се зборува за негово завршување.
Исто така и гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар требаше да биде завршен уште пред три години, но не е завршен. Гасоводот Гостивар-Кичево, гасоводот Свети Николе-Велес и интер конекциите со Грција, Србија и Косово кои секоја година се најавуваат, се уште не се започнати да се градат.
Најважно е да се нагласи дека не е започната изградбата ниту на градските гасоводни мрежи. Без ваквите мрежи природниот гас и понатаму останува недостапен за корисниците кои предолго го очекуваат.
Доколку имаше реална реализација без долгогодишни доцнења, до сега требаше да има над 100.000 корисници приклучени на гасоводните мрежи. За жал денес нема ништо од тоа.
Единствено што направи оваа Влада во гасификацијата е тоа што на сила беше протуркан скандалозниот и спорното Закон за спогодбено решавање на судскиот спор помеѓу Владата и Макпетрол за АД ГА-МА, со помош на кој се потрошија астрономски 33 милиони евра за 25 години стар гасовод, односно скоро дупло повеќе отколку што било вложено при изградбата според вештачењата од судскиот спор.
За неуспесите во гасификацијата на Македонија има уште многу има да се кажува.
Самото долгогодишно доцнење на целиот процес на гасификација допринесе и за поголемо продлабочување на актуелната енергетска криза во државава. Како резултат на тоа доцнење останавме без природен гас кој требаше да има подостапни цени кој значително ќе помогнеше да се ублажи ударот од кризата врз граѓаните и стопанството.
Обидите на оваа ненеродна власт за замајување на јавноста се залудни бидејќи граѓаните се свесни дека уште долго нема да имаат пристап до природниот гас кој досега веќе требаше да им биде достапен.
Со почит,
Републичка комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ