30.01.2023

Ковачевски и Пендаровски да не ги кријат и јавно да кажат кои странски агентури влијаат на односите со Бугарија, и од каде се финансираат бугарските здруженија

Поданичкиот однос на владата допринесе Македонија да биде понижувана од Бугарија. Веднењето на кичма е причина на барањата на Бугарија кои секој ден се се повеќе.

Оваа власт трајно ги оштети македонските позиции, и ја стави државата во подредена положба. Цела извршна власт со денови не може да одлучи дали некого прогласува или не персона нон грата, и наместо реална реакција, само подгрева атмосфера, а потоа се повлекува.

Македонија не смее повеќе да биде ставана на позиција за поткусурување по потреба на Ковачевски и Османи. Затоа бараме:

Прво, власта на Ковачевски и Пендаровски да не ги крие и јавно да ги каже кои се тие агентурни мрежи и странски агенти кои работат на преку здруженија и фондации за поттикнување на антижакедонски ставови.

Второ, финаниските институции да го проверат финансирањето на дел од овие здруженија и потеклото на парите, бидејќи со овие здруженија се шири антимакедонска политика.

Трето, владата да се заинтересираат за делувањето, целта и постоењето на бугарско здружение во Корча, соседна Албанија, каде што во целата област живее мнозинско македонско население. Зошто досега не се побарани одговори за ова ниту од Еди Рама, ниту од властите во Албанија на кои начин дозволуваат да се негира постоењето на македонското национално малцинство во Албанија кое што таму живее со векови.

Четврто, владата досега нема ниту една посериозна реакција во однос на било кое отворено негирање на македонската нација, историја и јазик. Затоа постојат македонски институции и тие мора да се спротистават на отворената кампања против Македонија.

Петто, бараме македонската влада да побара доследно спроведување на пресудите добиени во судот за човекови права во Стразбур во насока на заштита и признавање на засебноста на Македонците во Бугарија, нивното право на здружување, нивното право на учество на избори, нивното право на образование на мајчин јазик како и нивното право на национално определување како Македонци. Должност е на Македонија да се грижи со сета сила и аргументи за правото на сите Македонци каде и да се наоѓаат.

Владата да почне да работи, за Македонија, а за почеток може да ја почитува Резолуцијата од Собранието, која и самите ја гласаа.