Седум месеци по ред има месечен пад на идексот на цените на храната во светски рамки или седум месеци по ред забавува годишниот раст на светските цени на храната. Наспроти тоа, во Македонија дванаесет месеци по ред се засилува годишниот раст на цените на храната! Воедно, обемот на домашно производство во прехранбената индустрија пет квартали по ред бележи годишен пад,што значи се намалува домашната понуда на храна, а цените растат.
Па како да не се намалува производството, а во исто време да не се засилува инфлацијата кога фирмите во Македонија во првата половина на 2022 година плаќаа (и сеуште плаќаат) една од највисоките цени за електрична енергија во Европа. Сите досегашни мерки од страна на Владата не дадоа ефект, а мерката за субвенционирана цена на електричната енергија за фирмите од прехрамбената идустрија кои произведуваат основни производи е закаснета и донесена кога цените на храната се до плафонот! Владата ја преспа цела година, не го слушаше бизнис секторот којшто во континуитет укажуваше и укажува дека цената на струјата е неиздржлива и ги проскапува производите и услугите.
Колку сме катастрофа во енергетскиот сектор покажуваат податоците од еуростат за првата половина на 2022 година, според кои бизнис секторот во Македонија плаќал 168,5 евра за MWh, додека бизнис секторот во Албанија плаќал 105,7 евра за MWh, во Србија плаќал двојно помалку или 89,3 евра за MWh, а во Босна и Херцеговина плаќал 71,4 евра за MWh. Податоците за втората половина на годината ќе бидат уште повеќе поразителни. Наспроти вистински заложби да се реши енергетската состојба во нашата држава, наспроти ургентната потреба да се понудат системски одржливи решенија во пресред на престојниот период исполнет со предизвици во Европа, Владата го скори експлозивниот буџет за 2023 година, којшто не обезбедува ниту краткорочно ниту долгорчно решение, туку е повторно крпење на неспособноста и безидејноста за решавање на главниот проблем со снабдувањето на елекричната енергија.
Многу фирми затворија, а многу фирми најавуваат затварење на производството, што ќе значи зголемување на невработеноста и уште поголема сиромаштија.Металопреработувачката индустрија е пред колапс. Еуроникел Индустри, Макстил, Либерти, Дојран Стил, Таб-Мак, ФЗЦ 11 Октоври се некои од капацитетите кои затворија или планираат да затворат заради високите сметки за струја. Обемот на производство на метали е годишно намален за 68% во септември 2022 година, а рударството за 33%, зошто затворија рудниците Бучим и Боров дол. Од вкупно 23 гранки во преработувачката индустрија, во 10 има годишно намалување на производството во септември. И ова ќе продолжи.