06.02.2023

ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Односите на Македонија со Бугарија никогаш не биле полоши, власта тоне во корупција, а народот никогаш не живеел полошо. На седницата се донесени и кадрови одлуки

Почитувани,

Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва одржа седница на која се разговараше за актуелната политичка и економска состојба во Македонија, односите со Бугарија, а беа донесени и повеќе кадрови одлуки.

Извршниот Комитет смета дека односите помеѓу Република Македонија и Република Бугарија никогаш не биле полоши од сега, што покажуваат и постојаните тензии, уцени и условувања. Договорот за пријателство и добрососедство кој го склучи владата предводена од СДС и ДУИ со Бугарија, наместо за да носи пријателски односи и меѓусебна соработка, тој е затруено дрво кое раѓа затруени плодови.

Никогаш досега немало таква несигурност во меѓусебните односи помеѓу  Македонија и Бугарија, а уште полошо е што уценувачката бугарска политика на негирање на македонскиот народ, идентитет и јазик постојано се проширува.  За таквите уцени кои немаат крај е виновник владата на Ковачевски која спротивно на барањата на македонските граѓани се согласи и овозможи на Бугарија да може да поставува нови и нови барања.

Во однос на економската состојба беше заклучено дека во Македонија никогаш не се живеел полошо. Македонија руши рекорди по инфлација.  Власта е неспособна да ги заштити граѓаните од постојаните поскапувања, но и не ги заштитува компаниите кои поради кризата секојдневно ставаат клуч на врата а со тоа илјадници граѓани остануваат на улица.

Наместо тоа власта на граѓаните зачестено им задава нови удари како што се честите поскапувања на струјата, а потоа како домино ефект предизвикуваат поскапувања на се останато.

Единствено за што е способна оваа власт е криминал и корупција, што го покажа и последниот извештај а Транспаренси Интернешнл каде  Македонија е во друштво на Суринам, Тунис и Индија.

Затоа, единствен спас  и излез од оваа ситуација се предвремени парламентарни избори, за што поскоро да дојде власт која ќе почне да ја вади Македонија од калта во која ја заглавија СДС и ДУИ.

Воедно, на седницата на Извршниот комитет беа донесени и кадрови одлуки.

Нов претседател на Градски Комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ е Бојан Христовски.

Христовски е магистер на науки на факултетот за безбедност, при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, а во својата струка има поминато повеќе меѓународни обуки. Од 2006 година има работно искуство во Министерството за внатрешни работи, каде бил на повеќе на раководни позиции. Христовски беше и директор на ЈП „Градски паркинг“ Скопје.

Нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ ОК Тетово е пратеникот Александар Велјановски. Има долгогодишно работно искуство како самостоен стручен соработник во ЈЗУ Здравствен дом Тетово и директор на КПУ Воспитно поправен дом Тетово.