30.03.2023

Извештајот за психичката состојба на Петровска е основ за одземање на нејзиниот безбедносен сертификат, прашање е дали таа е во можност да го води и МО?

Славјанка Петровска сама се донела во ситуација да се стави под знак прашалник нејзината способност да го води МО. Извештајот за психичката состојба на Петровска кој говори за нејзината опседнатост, инхибиција и третманот со седативи, кој  патем самата го нарачала, доколку е во целост вистинит треба да резултира со нејзина оставка и одземање на нејзиниот безбедносен сертификат.

Доколку пак Славјанка Петровска извршила влијание користејќи ја својата позиција врз лекарот специјалист да напише Извештај кој ги преувеличува нејзините симптоми, само за да добие оштета на суд треба да си даде оставка од морални причини.

Тргнуваме од претпоставката дека Извештајот кој Петровска го нарачала е вистинит, бидејќи самата го доставила до пратеникот Ковачки, и оттука ја повикуваме ДБКИ веднаш да и биде одземен безбедносниот сертификат.

Имено согласно чл. 4 точка 13 од Уредбата за безбедност на лицата корисници на класифицирани информации вели дека лице кое страдало или страда од каква било болест или ментална или емоционална состојба која може да предизвика значителни недостатоци во неговото расудување или доверливост или може да го направи лицето, ненамерно, потенцијален безбедносен ризик, што се утврдува врз основа на медицинска документација е пречка за издавање на безбедносен сертификат.

Славјанка Петровска според Извештајот кој сама го нарачала страда и страдала од нарушена емоционална и ментална состојба, и затоа мора да и биде одземен сертификатот.

Дополнително го повикуваме Ковачевски, да не чека, и да ја разреши Петровска, која во Извештајот која самата го нарачала е опишана како личност која не може да ги извршува непречено своите работни обврски, која е нервозна, збунета, конфузна, која нема волја, која чувствува бесцелност во работата и редица други дијагнози, кои алудираат дека Петровска не е во целосна способност за извршување на своите работни задачи.