27.07.2022

Запалените возила се доказ дека власта и подземејето се во коалиција- за тоа ќе одговараат

СДСМ дозволи и ги охрабрува криминалните банди да владеат со улиците. Оливер Спасовски наместо да се бори со беззаконието, ги користи криминалците да вршат терор врз народот. Последниот случај со три запалени возила во Прилеп, меѓу кои и возилото на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески е доказ дека власта и подземејето се во коалиција.

Пратеникот Ристески кој јавно говореше против анационалните политики на власта на СДСМ и кажа дека нема да поддржи измена на Уставот, беше цел на нападот на полициско-мафијашките структури. Токму вакви структури се инспираторите на палењето на возилата.

Но ваквите методи на заплашување и тероризирање не поминуваат. Никој веќе не се плаши од заканите на СДСМ. Народот гласно кажува НЕ и народот ќе му плати на СДСМ за притисоците кои ги врши.

Доаѓа времето на одговорност и центрите на оваа страховлада ќе одговараат.