Уште во април 2022 година ММФ најави дека Македонија може да се квалификува за линијата за претпазливост и ликвидност (PLL), но дури по осум месеци или на 21 ноември 2022 година Извршниот одбор на ММФ ѝодобрина Македонија двегодишна PLL во износ од 530 милиони евра. Според нашите сознанија една од пречките за касното одобрување на заемот беше реалното прикажување на трошоците поврзани со изградба на Коридорите 8/10д, како и обврските кои властите ги презелеи кажале дека ќе ги реализираат.
Во Извештајот на тимот на ММФ стои „Коридорот 8/10д се очекува да чини 1,3 милијарди евра (10 проценти од БДП во 2022 година) и да биде завршен во период од 6 години, што е вградено во основната макроекономска рамка. Наспроти остриот пораст на трошоците за изградба и неизвесноста поврзана со трошоците за големите инфраструктурни инвестициски проекти, властите побараа сеопфатна и независна физибилити студија од меѓународна реномирана компанија, вклучително и проценета документација, за да се зацврсти проценката на трошоците. Откако ќе се заврши физибилити студијата, таа ќе се користи за информирање на договорот. Властите во моментов избираат независен советник за финансиски трансакции, врз основа на меѓународен тендер, кој ќе го преговара договорот за проектот и ќе го надгледува неговото спроведување. Врз основа на резултатите од физибилити студијата, тие (се мисли на властите) се посветени на преземање мерки за соодветно управување со фискалните ризици, како и трошоците, за да се осигури дека тие се конзистентни со програмските цели и среднорочната фискална рамка“.
Прашања:
1. Дали се изработи физибилити студијата и која сума ја покажаа таа?
2. Кој е тој независен советник за финансиски трансакции избран на меѓународен тендер кој преговарал за договорот?
3. Зошто проекцијата на капиталните расходи од 2023-2027 година којашто беше изработена од ММФ во октомври-ноември 2022 година врз база на консултациите со домашните власти е пониска од проекцијата наВладата доставена до Собранието на 14.12.2022 година? За еден месец можна ли е разлика од високи 390 милиони евра?
4. Кумулативната разликата кај капиталните расходи од 2023 до 2027 година помеѓу двете среднорочни фискални стратегии е 390 милиони евра. Дали тоа е сумата од физибилити студијата?
5. Дали проектот којшто во ноември вредеше 1,3 милијарди евра веќе во декември 2022 година чини 1,7 милијарди евра, со потенцијал да надмине над 2 милијарди евра заради презементи дополнителни обврски во форма на пенали со потпишаниот договор кој се крие од јавноста?
6. Зошто пак најголемитеотстапувања во износот на капиталните расходи има во 2023 и 2024 година, и тоа за 170 мил.евра иза 105 мил. евра ПОВЕЌЕ според Владата од она што ММФ го очекувал? Дали ова се пеналите?
7. Какви мерки, за соодветно управување со фискалните ризици, се преземени од властите?Дали зголемувањето на даночните стапки и проширувањето на даночната основа, како и данокот за солидарност на грб на домашниот приватен сектор се мерките за управување со фискалните ризици заради овој проект?
ММФ ќе бара одговор на овие прашања, исто како што бара и македонската јавност.
Реалната оценка и прикажување на сите преземени трошоци од договорот за изградба на Коридорите 8/10д е од суштинско значење зошто истите ќе имаат долгорочни последици врз буџетот и врз фискалната одржливост. Од заемот на ММФ беа повлечени 110 милиони евра при крајот на 2022 година, а уште една исплата од околу 155 милиони евра треба да се случи по завршувањето на првата мисија на ММФ планирана во мај 2023 година. Дали ќе се случи повлекувањето на втората транша во очекување сме да видиме. Или пак можеби и ММФ ќе има резерва за процесот и висината на средствата кои се предвидени со договорот за изградба на коридорите 8/10д?