Веќе станува обичај секој ден во оваа наша напатена Македонија да се открива по некој нов бизнис. Склучен е договор по Јавна Набавка бр. 01-104/2023, со директно преговарање и без јавна објава за “Модернизација на топлинскиот дел од когенеративната постројка за зголемување на ефикасност со доградба на “SCR” за прочистување на издувните гасови и намалување на загадувањето за потребите на АД ЕСМ – подружница ЕНЕРГЕТИКА.
Оваа зделка добро е прикриена со допис од Бирото за Јавни набавки кое експресно за еден ден дало согласност за ваква набавка без оглас и со директно преговарање. Барањето е побарано и одобрено согласно Закон за Јавни Набавка по член 55 став (1) точка в). Овој член 55 став (1) точка в) алинеа 2 и 3 се применува во следни случаи:
Кога поради технички причини нема конкуренција за предметот на набавка и
За заштита на ексклузивни права вклучувајќи права од интелектуална сопственост.
Во законот за Јавни набавки е посочено од експерти за јавни набавки од европската унија дури и експерти од Бирото за јавни набавки дека овој член е висококоруптивен и нема контролни механизми, па треба да се посвети посебно внимание и да се даде издржано образложение кога се бара негова примена.
Кое е тврдењето на ЕСМ во барањето за ваква одлука и дали тоа се сведува дека нема конкуренција за оваа набавка? Се поставува прашањето како е тоа утврдено?
Зошто ЕСМ побарала барање за понуда и тоа само од фирмата СПЕКТАРТЕРМО ДОО Скопје, која дала понуда на вредност од 179.879.163,00 денари без вклучен ДДВ. Предвидениот буџет изнесува 180.000.000,00 денари. Значи понудата е темпирана токму до граница на буџетот!.
Несомнено е дека ЕСМ-Скопје во 2023 година со СПЕКТАРТЕРМО ДОО Скопје воспоставила одлични бизнис релации. Веќе има други два договори со директно преговарање и без објава на оглас. На 10.02.2023 година склучила договор за набавка и монтажа на еден гасен мотор во ЕСМ- Енергетика во вредност од 174.735.108,00 денари со директно преговарање и без објава на оглас.
На 18.09.2023 година склучила договор со истата таа СПЕКТЕРТЕРМО за ремонт на гасни мотори во ЕСМ-ЕНЕРГЕТИКА во вредност од 112.100.000,00 денари, со директно преговарање и без објава на оглас.
Само овие три договори во постапка со директно преговарање и без објава на оглас во 2023 година имаат вредност околу 8.000.000,00 ЕВРА.
Ваков услов за договор е само ако СПЕКТАРТЕРМО е единствен способен за извршување на овој договор поради особено техничко знаење и капацитет. Но, нема никакви докази ниту образложение за ова.
Работите за кои само СПЕКТАРТЕРМО е способен да ги зврши и никој друг, според одговорните во АД ЕСМ се следните:
Демонтажа на димоводни канали, пригушувачи, командни уреди и опрема и прилагодување на SCADA опрема
Демонтажа и монтажа на фасаден лим во машинска хала и монтажа на метална конструкција за инсталирање на новата опрема
Испорака и монтажа на опремата за SCR катализатори и ставање во функција со поврзување на SCADA системот.
Јасно е дека всушност овие позиции можат да ги завршат многу други компании. Тоа се главно занаетчиски монтажни работи. Монтажа на уреди за прочистување на издувни гасови како и поврзување на управување со SCADA системот има многу. Само е прашање дали некој сакал тоа да се бара. Јасно е дека нема основа да се примени член 55 став (1) точка в) алинеа 2.
Правата за заштита на ексклузивни права и правата на интелектуална сопственост се однесуваат на права на патенти, авторски права и интелектуална сопственост. Тие не се однесуваат на правата за застапништво или дистрибуција на одредена опрема и не можат да се користат како основа за спроведување на постапката за преговарање без објава на оглас. Неопходно е да се докаже дека нема соодветен еквивалент на бараните технички карактеристики кој не може да го исполни ниеден економски оператор во целиот свет. Спрема ова нема основа да се примени член 55 став (1) точка в) алинеа 3.
Поради овие причини, постои основано сомневање за лукративни цели при склучување на ваков тип договори.
При промена на власта сето ова нема да помине неказнето. Ќе следат истраги кои ќе доведат до разрешување и казнување на оние кои го раскрчмуваат државниот имот на АД ЕСМ.
Линк од Фејсбук објава на Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ