05.04.2024

ВМРО-ДПМНЕ го осудува секое спречување на медиумите во нивната работа, посочениот инцидент не е забележан ниту создаден од лицата кои се организатори на митингот

Слободата на медиумите и обезбедување на простор за вистинско и точно информирање се врвот на една демократија, но и показател за степенот на демократскиот амбиент во државата.

Тоа особено важи во време на избори, кога од работата на медиумите се оценува и процесот на избори. ВМРО-ДПМНЕ го осудува секое спречување на медиумите во нивната работа, со физичко или вербално спречување или заплашување на новинарски екипи. Посочениот инцидент не е забележан ниту создаден од лицата кои се организатори на илјадниот митинг.

Жалиме за навредите кон новинарската екипа на ТВ 24 Вести и го осудуваме однесувањето на поединецот којшто упатил навреди. Истовремено, укажуваме и на атмосферата во која власта, СДС и Ковачевски започнаа хајка против медиуми, и оттука и на можноста за уфрлени провокатори за предизвикување на инцидент на првиот народен собир на ВМРО-ДПМНЕ со импозантна посетеност.

ВМРО-ДПМНЕ останува на линија на одбрана на професионалните медиумски стандарди и во заштита на медиумските работници во интерес на вистината, на јавноста и во интерес на напредувањето на Македонија.