07.10.2023

Власта под превезот поскапување на луксузни производи, поскапува нешто што просечните граѓани секој ден го купуваат, само за да го полни буџетот

Владата на ДУИ и СДС пак ги мами и ограбува граѓаните.Под превезот ДДВ за луксузни производи, поскапува и производи кои се дел од секојдневната потрошувачка кошница на просечните, па и на посиромашните граѓани. Целта е јасна, да се полни буџетот на сметка на џебот и стандардот на народот.

Владата ја објави после долго криење листата на производи кои треба да се оданочуваат со 10% ДДВ наместо 5% и на неа се најдоа производи како замрзнатите теста, млечни и сирни намази, сирење и урда, зденка, пармезан, ајдемер и гауда кашкавал, павлака за готвење, лутеницата, цвеклото, фефероните, мајонезот, сите видови апетисани, компоти, конзервирана храна, полнети макарони, тортиљи и нудли, храната за децата, како гризот, овесните снегулки, муслите, сладоледот, еурокремот, сите видови бонбони, чипсот, сите чаеви, тропското овошје, сите видови сушено овошје, сусамот, сончогледот, инстант кафињата, наполитанките, црниот бибер, мастиките, најголем дел од зачините. Ова ли се луксузните производи за кои говореше владата кога го менуваше законот за ДДВ? Ако овие се луксузните производи, тогаш Владата им порачува на граѓаните да јадат леб и сол.

Оваа листа на производи, која патем власта ја криеше дури се носеа измените на законот за ДДВ, значи дека се дотолчува и онака уништениот стандард на народот. Оваа листа власта мора веднаш да ја корегира и да ги тргне овие производи од листата на продукти за кои ќе се плаќа 10, наместо 5%.Оваа неспособна и алчна власт мора да си замине, бидејќи народот тоа премногу скапо го чини.