Општина Свети Николе оствари одлични резултати во 2022 година каде беа реализирани голем број на капитални проекти со кои значително ќе се подобри квалитетот на животот на жителите од оваа општина. Ова го изјави Дејан Владев, градоначалник на Општина Свети Николе на регионална средба и трибина на општините од Вардарскиот плански регион.- Свети Николе годинава доби модерна Противпожарна станица која ја отворивме во септември. Вложуваме во спортот, каде во моментов се прават трибините на градскиот стадион, а деновиве во употреба ќе ја пуштиме и спортската сала во село Ерџелија. Во однос на канализациите годинава целосно ја изградивме канализацијата во село Пеширово, а во моментов ја реализираме третата фаза од изградба на канализацијата во село Мустафино. Годинава асфалтиравме повеќе од 8 улици, а деновиве ги асфалтиравме улиците во село Ерџелија и Горобинци – кажа Владев.Градоначалникот Владев кажа дека преку средби со граѓаните на транспарентен начин го креираат буџетот на Општина Свети Николе за идната година и каде повторно акцентот ќе биде ставен на проекти од комуналната инфраструктура.- Согласно плановите за буџетот на Свети Николе за 2023 година планираме да продолжиме со исто темпо, каде планираме да извршиме реконструкција на поголемиот дел на оштетените улици во Општина Свети Николе. Тука не станува збор за крпење на дупки, туку за комплетна реконструкција на главните улици во градот. Планираме асфалтирање на улици и во селата Црнилиште, Пеширово и Амзабегово. Вложуваме и во парковите, каде за наредната година преку Вардарскиот плански регион очекуваме изградба на комплетно нов парк, со нова памп трак патека, справи за моторички вештини и амфитеатар, како и ново детско игралиште кое ни е донација од Видео лотарија на Македонија – додаде Владев.Регионалната средба беше организирана од страна на Комисијата за локална, Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт, Комисијата за енергетика и Комисијата за финансии при ВМРО-ДПМНЕ.