Почитувани,
Денес по којзнае кој пат македонските интернет медиуми повторно се преплавени со бомбастична вест од енергетиката приготвена во „Центарот за манипулации на СДС“ со наслов:
„Енергетска трансформација е во тек, нови 150 мегавати од обновливи извори“
Би сакале повторно да ú воочиме на јавноста за лагите и манипулациите кои СДС континуирано ги пласира во јавноста на темата енергетика.
Имено, не е во тек никаква енергетска трансформација, туку во тек е енергетско уништување и осиромашување на Македонија и македонскиот народ.
Бомбастичните најави за нови електрани на обновливи извори се маска за уништувањето и раскрчмувањето на државните компании ЕЛЕМ и на МЕПСО.
Во енергетиката, како впрочем и во сите други области не постои забрзано темпо на градење, туку само забрзано темпо на крадење.
Наместо да се градат соларни централи на ридско земјиште со наклон на јужна страна, уништено е плодно земјиште од прва класа кое е дадено на олигарсите и локалните вазали на СДС за да градат соларни централи на него и со помали инвестиции да си ги наполнат џебовите. Оваа електрична енергија ќе се продава по пазарни цени од кои народот на Македониja нема да види никаков бенефит.
Досега ова не е рекордна изградба на нови капацитети, туку рекордно уништување, испустување и занемарување на постоечките капацитети.
Рекордно празни езера, рекордно најмал ископ на јаглен, рекорден увоз на јаглен и рекордна потрошувачка на мазут и рекордно загадување на Битола, Кичево и Неготино.
Со ваквата поддршка и ваквото менаџирање во енергетиката државата нема да се трансформира во центар на зелена енергија, туку ќе стане центар на увезен јаглен, центар на увезен мазут и држава најголем зависник од увезена енергија.
Владата на СДС не е посветена на постигнување на сигурен, ефикасен, еколошки и конкурентен енергетски систем, всушност енергетскиот систем никогаш не бил понесигурен, понеефикасен, понееколошки и понеконкурентен од денес.
Секојдневните испади на блоковите во РЕК Битола, сигурно не се енергетска сигурност.
Користењето на езерата од хидроелектраните на ниски работни коти, сигурно не е енергетска ефикасност.
Трошењето на увозен мазут во РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино со сомнително потекло, сигурно не е енергетска екологија.
Градењето на производни капацитети на избрани олигарси на СДС, сигурно не е енергетска конкурентност.
Владата на СДС не е способна да го поддржи одржливиот економски раст на земјата.
Владата на СДС не е способна да ја заштитува животната средина.
Владата на СДС е способна и единствено успеа значително да го намали квалитетот на животот на граѓаните.