21.07.2023

Башибозлук со личните податоци на граѓаните што ги поседува Управата за матични книги – не се знае кој се ги поседува и дали може да се злоупотребат за политички, финансиски и лукративни цели

Во јавноста се отвора сериозен скандал за злоупотреба на личните податоци на граѓаните преку базата на Управата за водење на матични книги, а од надлежните институции има само молк. Тоа е само потврда дека се работи за огромна афера која може да засега илјадници, па дури и сите граѓани на Македонија.

Имено согласно информациите кои ги споделија државните органи, Управата за водење на матични книги при спроведување на процесот на  дигитализација направила низа пропусти кои директно ги загрозува личните податоци на граѓаните. Дел од забелешките се следните:

•  Изворниот код за пристап до податоците од матичните книги бил даден на USB,

•  Управата нема евиденција за хардверот, серверите и софтверските апликации на кои личните податоци се обработуваат,

•  Нема логови за влез во матичната евиденција, личните податоци се складирани на сервер без да може да се идентификува кој има пристап до серверот,

•  Економските оператори ги собирале податоците без придружба од службени лица од УВМК,

•  Просторијата каде што се скенирале личните записи не била физички обезбедена, не може да се утврди идентитетот на лицето кое пристапило до софтверските модули каде што се внесени скенираните записи и личните податоци, преносните медиуми не биле заштитени,

• Немало докази за превенирање на неавторизиран пристап до личните податоци, не се знае кој пристапил до личните податоци, каде истите биле изнесени, каде завршиле и со каква цел

Со еден збор башибозлук со податоците на граѓаните. Не се знае ни кој се може да го поседува и за каква цел да бидат злоупотребени. А постојат мал милион начини овие податоци да бидат злоупотребувани за политички, финансиски или лукративни цели.

Дополнително скандалозна и коруптивна е и самата тендерска постапка за избор на фирмата која го спровела ова  дигитализирање на податоците. Тогашниот директор Бујар Дарлишта, кадар на ДУИ, избрал компанија Новатек ИНВ ДООЕЛ Скопје основана месец дена пред тендерот, за што постои и кривична пријава, ама нема никаква конкретна реакција од страна на обвинителството. 

Молкот на институциите сега, како и молкот на  обвинителството за поднесените пријави само говори дека оваа држава и нејзините институции се киднапирани и се држат во заложништво од страна на една мафија на власт. Кога таа мафија ќе падне и кога институциите ќе бидат ослободени, тогаш ќе следат и конкретни одговори и конкретна одговорност.