27.12.2022

Атанасовски: Изминатава 2022 година можеме да ја квалификуваме како успешна година по бројот на капиталните проекти

Со голем број на реализирани капитални инфраструктурни проекти, иако во време на светската економска и енергетска криза, 2022 година може да се смета за успешна за Македонска Каменица.Ова е главната поента од обраќањето на Димчо Атанасовски, градоначалник на општина Македонска Каменица на средба на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ коалицијата која што се одржа во Кочани.- Изминатава година можеме да ја квалификуваме како успешна по бројот на реализирани и започнати капитални проекти, каде само во изминативе 3 месеци реализиравме 4 капитални проекти во вредност од околу 1 милион евра. Тие се изградба на нов, модерен спортско-рекреативен центар во месноста Помошно, изградба на противпожарна кула за рана детекција на пожари која се реализира со помеѓугранична соработка со Општина Невестино (Р. Бугарија) во вредност од околу 180.000 евра, осветлување на влезот и излезот на Македонска Каменица, како и уредување на кејот на река Каменичка. Годинава се реконструираа и асфалтираа многу улици во повеќе населени места, како што се Церски Пат, Тодоровци, Луковица, Дракарска маала и многу други – кажа градоначалникот Атанасовски.Тој додаде дека во план се реализација на многу вакви проекти и за 2023 година.- Планираме многу проекти и за наредната 2023 година, каде како најважни можам да ги издвојам изградба на нова општинска зграда, изградба на мултимедијален центар за младите претприемачи, изградба и реконструкција на повеќе патишта во руралните средини, изградба на резервоари со вода за подобрување на водоснабдувањето во Стара Каменица и Дулица, како и подобрување на водоснабдувањето во Каменица – додаде градоначалникот Атанасовски.Регионалната средба беше организирана од страна на Комисијата за локална, Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт и Комисијата за финансии при ВМРО-ДПМНЕ.

https://www.facebook.com/watch/?v=715461359893721