06.12.2023

Јаневска: СДС и ДУИ го уништија образованието, како резултат на тоа Македонија е на дното на ПИСА рангирањето каде се мери јазичната и математичката писменост на учениците

Почитувани,

Образовните политики, ако така можат да се наречат, кои ги спроведуваше Владата на СДС и ДУИ во изминатите години, доживеаја целосен крах. 

Образовниот систем во државата го допре дното и за тоа веќе имаме потврда и од ОЕЦД како најрелевантна меѓународна организација која ги мери знаењата на учениците. 

Резултатите од последното ПИСА тестирање спроведено во 2022 година, зажал се катастрофални. Значително намалени во однос на резултатите постигнати на претходното тестирање во 2018 година.

За потсетување, ПИСА го мери нивото на јазична писменост, односно читање со разбирање, математичка писменост и писменост во областа на природните науки кај учениците на 15 годишна возраст.

Македонија е на дното на ранг листата и во конкуренција со земјите од т.н. трет свет. Или поточно, од вкупно 81 земја кои биле дел од тестирањето, се наоѓаме на 71 место во читање со разбирање, на 68 место по знаења од областа на природните науки и на 61 место по постигањата во областа на математиката. 

Во сите три области нашите ученици постигнуваат значително потпросечни резултати.

Раководството на Владата и на Министерството за образование и наука овој факт се обидуваат да го релативизираат, препишувајќи ги намалените резултати како последица на пандемијата, што апсолутно не е точно. Пандемија немаше само во Македонија. 

Ова е резултат на неспособните кадри на СДС и ДУИ. Ова е исходот на непромислените и насила направени промени во образовниот систем во изминатите 7 години, почнувајќи од Рената Дескоска, Арбер Адеми, Мила Царовска, па се до актуелниот министер Јетон Шаќири. 

Секој со свои лични интереси, не водејќи грижа за тоа каде претходниот запрел. И така, постојано се случуваше се да почнува од почеток, со многу нелогичности, но и со рок на важност од околу година и 2 до 5 месеци, на колку и време Владата ги менуваше овие министри, етикетирајќи ги како некорисни, односно неефикасни и неефективни.

Дали некој ќе преземе одговорност за оваа катастрофа во образованието кај нас, е прашањето?

Како ќе ги поправиме образованието и осакатените ученички генерации? Конечно, дали има смисла овие се уште да бидат на власт? Уште колку генерации треба да уништат?

Во името на ВМРО–ДПМНЕ замолувам повеќе да престанете со преземање мерки за подобрување на образованието, за да не продолжиме да тонеме.

Многупати досега апелиравме дека ќе дојдеме до оваа катастрофа. 

Предлагавме наши идеи, цела програма со квалитетни системски решенија, но попусто, кога инаетот на властодршците беше поголем и еве до каде нé донесоа.

Оставка веднаш и од премиерот и од министерот за образование и до избори ве молам ништо да не сте чепнале!