25.03.2023

Стојаноски: Четири лица поделиле 900.000 евра за составување на договорот за коридорите 8 и 10д, Ковачевски и Груби го компромитираа процесот

Почитувани,

Секој дел од договорот за надзор на изградбата на Коридорите 8 и 10д смрди на корупција. Ковачевски и Груби го компромитираа целиот процес.

Уште не започната изградбата, четири лица ангажирани од надзорот наплатиле 900.000 евра од државата, на истите ќе им бидат исплатени уште 300.000 евра кога ќе заврши изградбата, односно вкупно овие четворица експерти ќе не чинат 1.200.000 евра.

Овие 900.000 евра се исплатени како надомест за преговарање и склучување на договор со изведувачот. Преговорите траеле од 02.02.2023 до 08.03.2023 кога Владата го потпишува договорот. Оттука може да заклучиме дека овие четири лица за еден месец работа инкасирале поединечно по 225.000 евра.

Оваа сума од 900.000 евра не е исплатена на никакви странски експерти или стручни лица со огромно меѓународно реноме, туку на лица од Македонија и соседството. Имено според објавеното во медиумите четворицата експерти кои наплатиле 900.000 евра се:

Јасминка Чорда Трухар, адвокатка, која е ангажирана со договор што го склучила со македонската фирма „Електра солушнс“;

Сузана Пековиќ, родум од Струмица, адвокатка во канцеларијата на адвокатот Александар Тортевски од Скопје, исто така, е ангажирана со договор со „Електра солушнс“;

Иван Павловиќ, експерт за преговори, имплементација на договор и градежен инженер од Белград, исто така, е човек на „Електра солушнс“;

Ангелина Живковиќ, ангажирана од  „ИРД инженеринг“.

Да, тројца од четворица ангажирани лица за преговори со Бехтел и Енка се ангажирани од страна на Електра Солушн фирма со искуство од производство на долна облека.

Се поставува прашањето зошто владата ги споила тендерот за надзор и тендерот за избор на правен трансакциски советник, па фирмите кои ќе го вршат надзорот над изведувачот, да бидат истите кои и во име на владата ќе преговараат и ќе состават договор? Но и зошто воопшто е ангажирана фирма која ќе преговара кога истата работа можеле да ја завршат владините служби или институции? Зошто е ставена државата во трошок од 1.200.000 евра?

Владата треба да знае дека овој тендер нема да остане не ревидиран, и дека по промената на власта одговорност за неодговорното трошење народни пари ќе има.