Почитувани,
Измина уште еден месец во кој студентите не добија никаква исплата на средствата за субвенционираниот студентски оброк. Наместо прослава и награда за успешниот крај на семестарот, завршување на испитната сесија и останати академски и професионални успеси, студентот во Македонија повторно е жртва на индиферентноста на властите кон младите и студентскиот живот.
Доцнењето на исплатата за месец јануари дури и на почетокот на третиот месец, по којзнае кој пат докажува дека поддршката на власта за студентите, студентскиот живот и стандард е само декларативна и наменета за личен маркетинг.
Кога властите секојдневно докажуваат дека не се способни да ја изградат иднината за младите и новите генерации, треба да си заминат и да престанат да си поигруваат со нашето трпение.
Наместо барање слепа послушност, конструктивност и премолчување пред колапсот на системот и институциите, властите треба во нас да го препознаат потенцијалот, креативноста и капацитетот за градење на поубаво и здраво општество.
Наместо вложување на десетици илјади евра во спонзорирани објави, како и проекти и мерки наменети за личен бенефит, апелираме до надлежните под итно да почнат да се занимаваат со реалните проблеми со кои се соочуваат студентите и младите. И ние, како и секој друг граѓанин на Македонија, заслужуваме достојни и соодветни услови за живот.