21.03.2024

Николовска: Власта, спротивно на закон ја продолжува постапката за вработување, која во изборен период мора да е во мирување

Почитувани, сакам да ја известам јавноста дека политичката партија ВМРО-ДПМНЕ поднесе пријава односно приговор до државната комисија за спречување на корупција заради прекршување на Изборниот законик, а сторени од страна на Академијата за судии и јавни обвинители.
Имено согласно член 8а од Изборниот законик како и согласно одредбите од законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси предвидено е дека од денот на донесување на одлука за распишување на претседателски и парламентарни избори не може да се спроведуваат постапки за нови вработувања ниту да се даваат откази на вработени во јавните и државните институции, а доколку има почнато такви постапки се ставаат во мирување.
Сите сме сведоци во изминатиов период дека од страна на Академијата за судии и јавни обвинители беше објавен оглас за прием на нови 130 слушатели на Академијата при што непосредно сега пред некој ден во месец март е донесена временска динамика од страна на академијата за спроведување на приемниот испит.
Зошто е ова важно?
Заради тоа што приемот на слушателите на Академијата за судии и јавни обвинители подразбира дека стекнувањето на статус слушател значи вработување односно засновање на работен однос со Академијата за судии и јавни обвинители со сите права и овластувања како што следуваат од еден работен однос. Сметаме дека тоа ќе влијае на изборниот процес и наместо Академијата да произведува кадри кои што утре ќе ги почитуваат правата и законите, за жал излегува дека Академијата е главниот прекршител на правото во овој момент.
Ова што го поднесовме е пријава односно приговор до Државната комисија за спречување на корупцијата, за што сметаме дека е прв сериозен тест токму за интегритетот на новиот состав на ДКСК. Заради тоа бараме со пријавата истата да се разгледа, да се отвори случај и согласно своите законски ингеренции ДКСК да ги преземе сите потребни законски мерки за спречување на ваквите прекршувања.
ВМРО-ДПМНЕ ќе ги следи овие прекршувања и за истите ќе ги извести секако и меѓународните организации кои што ги следат изборите како што се ОБСЕ и ОДИХР.