07.06.2023

Муцунски: ИК на ВМРО-ДПМНЕ со позиција – Уставни измени под диктат и во околности кои се поразителни за Македонија не смее да има

Почитувани претставници на медиумите,

Денес во пресрет на одржувањето на лидерската средба во Клубот на пратениците, заседаваше Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ при што донесе одлука да го овласти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. др Христијан Мицкоски да ги афирмира и одбрани следните позиции:

Поаѓајки  од националните и државните интереси и запазувајќи  го мислењето на огромното мнозинство на граѓани во државата, Уставни измени под диктат и во околности кои се поразителни за Македонија не смее да има. Носењето на Уставни измени во состојба кога е нападнат националниот и државен идентитет на македонските народ, кога се оспорува јазикот, историјата и културата не е никаков чекор напред, туку отварање на вратата  за нови поразителни условувања и себеодрекувања.

Македонија токму поради лесните отстапки до сега и штетните политики на власта е веќе во изолација. Измама е тезата дека на оваа лидерска средба се одлучува за интеграција или за изолација. На оваа лидерска средба се одлучува или за Уставни измени  и национални порази или за одбрана на националното достоинство и националните и државните интереси. 

За ваквата подредена состојба на државата е виновна криминилизраната власт на ДУИ и СДСМ.

Македонските граѓани отсекогаш силно ја поддржувале и ќе продолжат да ја поддржуваат европската интеграција на Македонија. Но, тоа не треба да прерасне во понижувачки процес за прифаќање на диктати туку процес на прифаќање и почитување на вредностите и создавање на национално единство. Оттука, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во името на огромно мнозинство македонски граѓани бара фер шанса иста каква што ја имаа останатите народи и држави од Централна и Источна Европа кога пристапуваа кон ЕУ.