04.12.2023

Мицкоски: Прв круг на претседателските избори на 24 април, втор круг заедно со парламентарните на 8 мај, ги повикувам граѓаните да застанат зад ВМРО-ДПМНЕ за трансформација на Македонија каква што сакаме

Почитувани претставници,

Ќе ми дозволите уште еднаш да изразам свое најдлабоко и најискрено сочувство за она кое што се откри во текот на вчерашниот ден, а за кое подолго време се шпекулираше во јавноста. Мое сочувство до семејствата кои што ги изгубија своите сакани во овој грозоморен чин. Навистина не постојат зборови со кои што може да се надомести тагата и болката на семејствата.Но, моја искрена препорака до сите политичари, до медиумите е да во иднина се обединиме сите заедно и да се бориме против ваквите девијантни однесувања на поединци, кои за жал имаат место на дел од медиумите, не можам тука да кажам сите медиуми, и кои што имаат можност да влијаат врз јавното мислење на граѓаните.

Понекогаш ваквите грозоморни настани не отрезнуваат и ни даваат нова водилка и нов правец како треба да размислуваме. Затоа уште еднаш ќе ми дозволите да изразам свое најискрено сочувство, Бог да ги прости и ова што ни се случи да не ни се повтори.Што се однесува на денешната средба која што ја имавме овде во македонското Собрание со претставници на политичките партии кои се застапени во македонскиот парламент, можам накратко да кажам дека донесовме три заклучоци.

По првата тема, а тоа се евентуални уставни измени, ставот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“ е дека во овој момент услови за такво нешто нема, од познати причини, артикулирани во јавноста од моја страна и претставници од коалицијата за „Обнова на Македонија“ многу пати.Што се однесува по второто прашање, а тоа е измени на изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР, постигнавме согласност и истите ќе влезат во собраниска процедура што значи дека изборниот законик во периодот што следи ќе се менува, иако морам да напоменам дека не е испочитувано правилото 6 месеци пред почеток на кампања, односно 6 месеци пред почеток на кампања за изборен процес бидејќи имајќи предвид дека согласноста за третото прашање, а тоа е првиот круг претседателски избори да се случи на 24-ти април 2024-та година, а вториот круг претседателски да биде заедно со парламентарните избори на 8-ми мај што е донесено како заклучок и согласни сме сите денеска кои што со широк консензус е прифатено ова.

Тоа подразбира дека кампањата би започнала на 4-ти април или ако тоа се сведе на денешната дата тоа значи дека сепак не го испочитувавме правилото за кое честопати јас јавно потенцирав а тоа е да немаме интервенции во изборниот законик 6 месеци пред почеток на кампања, за жал повторно тоа ни се случува и во иднина се надевам дека ова нема да биде случај и дека изборниот законик ќе биде затворен најдоцна 6 месеци пред почетокот на изборната кампања.По третата точка уште еднаш ќе напоменам, се согласивме првиот круг претседателски избори да биде на 24-ти април 2024-та година а вториот круг претседателски избори заедно со парламентарните да се случат на 8-ми мај 2024-та година.

Со ова уште еднаш сакам да апелирам до македонската јавност, до граѓаните, претстои сложен период на кампања. Во овој период политичките партии и коалиции кои што се формираат ќе рефлектираат многу позиции во јавноста. Но, следните избори, во кои што сите ние треба да одлучиме во каква Македонија и во какво општество сакаме да живееме. Од едната страна ќе имаме понуда која што ќе биде претставена од актуелната владина коалиција, а од другата страна ќе имаме понуда која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ.Немаме можност за исправка на тоа што ќе го донесеме како одлука најправедна на 24 април, а потоа на 8ми мај. Ги повикувам граѓаните да застанат позади понудата која што ќе ја трансформира Македонија во држава онаква каква што сакаме да ја видиме, не само мојата генерација, не само повозрасната генерација, туку и оние генерации кои што следат.

Она кое Македонија сакавме да биде вистинска, европска држава, која што ќе нуди можност на сите граѓани. Македонија држава на праведни граѓани, граѓани кои што си ја сакаат и љубат сопствената држава.Граѓани кои што ги почитуваат основните државни симболи на сопствената држава, знамето, грбот и химната. Држава која што ќе биде мајка на сите граѓани, а не само на неколкумина политичари кои што најчесто се во тесна коалиција со определени криминални и корумпирани структури. Затоа следните избори се избори кои што ќе дадат одговор на многу процеси во иднина.

Ве повикувам сите заедно да застане околу понудата која што ќе биде презентирана пред граѓаните на следните избори, а тоа е понудата која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.