18.06.2024

Мицкоски: До Собранието поднесена е програмата и составот на новата Влада – очекувам на дневен ред да биде ставена викендов, граѓаните очекуваат брзи резултати

Почитувани,

Штотуку во Архивата на македонското Собрание ја поднесов Предлог програмата за работа на идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ како мандатар на истиот, исто така заедно со Програмата на работа на идната Влада е поднесен и списокот на членовите на идната Влада. Како придружен дел на тој список се и нивните биографии.

Очекувам истото да биде ставено на Дневен ред пред пратениците за време на викендот односно 22 и 23-ти колку што би требало максимално да трае дебатата во рамките на македонското Собрание, 22 и 23-ти јуни. 

Граѓаните очекуваат брзи резултати. Јасно е дека оваа Влада како и очекувањата на граѓаните се да испорачува она кое што го ветуваше. Не ветувавме многу за време на кампањата, ветувавме дека Македонија ќе биде повторно на граѓаните односно државата која што изминативе седум години беше заробена од страна на една мала група властодршци кои што доаѓаа од досега владејачките партии конечно е слободна и ќе биде вратена назад на граѓаните. 

Имаме група на луѓе која што ќе биде дел од идната влада која што е исклучително мотивирана да веднаш постигне резултатите. И јас очекувам дека секој еден од нив максимално ќе се заложи, ќе даде и повеќе од својот личен капацитет да направиме нешто за нашите граѓани. Тие тоа го заслужуваат, бидејќи тие своето го направија, сега е на ред ние да направиме нешто за нашите граѓани. Очекувам бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата од секаков вид, не само политички, за политичкиот нејќам ни да зборувам. Нема да има толерирање без разлика од која политичка партија доаѓа било каква злоупотреба и овластување на било кое именувано лице, доколку истото биде дел од било какви криминални или коруптивни скандали за кој што постојат докази, се разбира. 

Истовремено озбилно планираме да расчистиме со сомневањата, информациите кои што посебно изминатиов период и доказите стигаат до нас за многу злоупотреби кои што се случувале изминативе 7 години, тоа им го должиме на граѓаните и лично тука ќе се заложам.

Исто така очекувам брзи резултати на полето на економијата, бизнисот може да се чувствува сигурен, имаме цврста влада, стабилна влада која што ќе испорача реформи, влада која што го охрабрува бизнисот да вложува во проширувањето на своите капацитети, да вработува што е можно повеќе наши сограѓани, а ние како влада се разбира ќе продолжиме односно ќе бидеме нивен сервис за остварување на нивните права и зголемување на нивното бизнис портфолио.

Младите ќе бидат наш главен акцент исто така сведоци сме дека имаме класичен егзодус на млади луѓе кои што ја напуштаат Македонија и својата иднина ја бараат некаде далеку од овде за жал 8 од 10 мои студенти кои ќе ги прашате после дипломирањето каде понатаму велат одлучивме да ја напуштиме Македонија бидејќи овде нема перспектива, нема иднина, тоа треба да се промени, таа состојба и перцепција треба да се промени, како, само со напорна работа, да го оставиме срцето на терен, да немаме поделба на граѓани од прв ред и граѓани од втор и трет ред, односно сите да се чувствуваат подеднакво, да нема политичка каста која што ќе биде привилегирана а сите останати да бидат граѓани од втор, трет ред па и понизок ред, тоа јас го гарантирам лично, дека нема да се случува.

Зборував и вчера за време на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ дека привилегиите кои што ги носат позициите, костумите и вратоврските не треба да ги направат различни луѓе сите оние кои што ќе ја добијат привилегијата да му служат на народот и да бидат дел од институциите од идната влада. Тоа треба да е мотив и инспирација да работат за истите. Верувам во секој еден од оние кои што се предложени дека ќе ги следи овие насоки и дека нема да излезе надвор од овие принципи.

Доаѓаат подобри времиња за нашите сограѓани, за земјоделците, за пензионерите. Тоа кое што е ветено, а тоа е уште во првата година дека ќе имаме линеарно зголемување на пензиите од пет илјади денари, дека ќе се случи. И понатаму планираме на иновативен начин да ги зголемуваме пензиите. Бизнис околината да генерира додадена вредност и поголеми приходи во буџетот, а со тоа и со поголеми и робусни капитални инвестиции.

Општините, од оние општини од кои што имаме информација, можам да кажам дека се подготвени за оној дел од програмата кога реков дека ќе реалоцираме средства за реализација на многу капитални проекти. Нешто кое што е многу значајно за секој еден обичен граѓанин, за секој еден од нас да не гази кал во 21 век, да има вода за пиење, да има организиран систем за одведување на отпадните води. Да нема повеќе листи за чекање во градинките, учениците да бидат во пристојни услови, да бидат во затоплени училници. 

Да не се прашуваат земјоделците дали и кога ќе ги добијат своите субвенции, да не се грижат за својот род дали ќе има откуп и по која цена. За пензионерите веќе кажав. Да немаме егзодус на медицински персонал и доктори и да не ги полниме клиниките по западна Европа, Америка, Канада и светот, туку да овозможиме пристојни услови да останата тука и да творат и работат. И уште многу, многу убави работи кои што ќе следат.

Почнуваме офанзивно и мислам дека, да бидам по прецизен, сигурен сум дека нема да ја изневериме довербата која што оваа коалиција ја доби од повеќе од 600 илјади граѓани кои што гласаа за истата, но истовремено сигурен сум дека нема да ги изневериме и очекувањата на сите граѓани кои што, без разлика дали гласале за нас или не гласале за нас и за оваа коалиција. Знам дека тие сега имаат големи очекувања и убеден сум дека тие очекувања ќе ги испорачаме, односно ќе го испорачаме сето она кое што го ветувавме.

На крај ќе ми дозволите да ги уште еднашка соопштам имињата на соодветните предлози за членови на идната Влада:

Министер за внатрешни работи, Панче Тошковски;

Министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, согласно новиот закон за организација на државната управа кој што помина со мнозинство од 88 пратеника пред неколку дена;

Министер за транспорт, Александар Николоски и заменик претседател на Владата; 

Министер за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска;

Министер за дигитална трансформација, Стефан Андоновски; 

Министер за одбрана, Владо Мисајловски; 

Министер за спорт, Борко Ристовски; 

Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски;

Министер за култура и туризам, Зоран Љутков;

Министер за образование и наука, Весна Јаневска;

Министер за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска; 

Министер за локална самоуправа, Златко Перински; 

Заменик претседател на Владата и задолжен за политичкиот систем, Љупчо Димовски;

Министер за односи со заедниците и заменик претседател на Владата, Иван Стоиљковиќ;

Министер без ресор, Шабан Салиу, задолжен за интеграции и имплементација на декада на Ромите; 

Министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата, Изет Меџити; 

Министер за здравство, Арбен Таравари;

Министер за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани; 

Министер за европски прашања, тоа е сега новото министерство практично не е веќе Секратаријат туку министерство, Орхан Муртезани;

Министер за економија и труд, Бесар Дурмиши;

Министер без ресор и заменик претседател на владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи; 

Министер за јавна администрација Горан Минчев;

И Министер за правда Игор Филков; 

Тоа е она кое што ќе биде доставено вкупно 24 члена на Владата, претседател на Влада и 23 члена. 

Благодарам уште еднаш на вас медиумите што внимателно го следите целиот овој процес, ве повикувам внимателно и критички да ја следите работата на идната влада а ние сме тука да даваме одговор на вашите критики да ги слушните и нашите аргументи се разбира и се надевам дека ќе имаме успешна и искрена соработка во годините кои што следат.