Почитувани,
Нема крај на опструкциите и штетата која СДСМ и политичките партии од власта ја прават на државата. Република Македонија освен што ја има најнеспособната влада во Европа, граѓаните за жал мора да бидат жртва и да ги трпат последиците на дневнополитичките игри на деструктивната СДСМ и Ковачевски, а кои имаат цел да го закочат развојот, новите проекти и новите инвестиции во општините, каде градоначалниците се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Еден од многуте такви примери е Општината Аеродром, каде пред две години ВМРО-ДПМНЕ победи убедливо на изборите и по долг временски период на стагнација, конечно започна да работи и да инвестира во општината. Уште по првата година успеавме да го вратиме и воспоставивме концептот „Општина за граѓаните“ и преку реализација на инфраструктурни и капитални проекти да најдеме решение за најголемиот дел од проблемите со кои се соочуваа тие.
Но, граѓаните треба да знаат дека, како резултат на политичката ароганција, владата на СДСМ остана воздржана, односно воопшто не ја разгледа иницијативата на општина Аеродром, за обезбедување средства преку „Зелената обврзница“, која требаше да обезбеди пари за изградба на две нови детски градинки, доградба и надградба на две основни училишта, нов плоштад и нови улици.
Единствен виновник поради што не започна изградбата на новите капитални објекти во Аеродром е токму владата на Република Македонија и премиерот Ковачевски, кои водејќи грижа за сопствената политичка агенда, а за сметка на граѓаните во Аеродром решија на многу перфиден и крајно безобразен начин да ги закочат овие проекти. Буквално иницијативата за издавање „Зелена обврзница“ со која требаше да се финансираат овие проекти, со месеци стои во фиоката на Ковачевски кој повеќе од очигледно, смета дека децата од Аеродром не заслужуваат да учат во нови училишта и да растат во нови градинки.
Проектот „Зелена обврзница“ беше поздравен од комерцијалните банки и приватните компании, а концептот на кој се заснова реализацијата на инфраструктурните проекти, доби позитивни оценки и од меѓународните партнери на Општина Аеродром. И покрај тоа што оваа обврзница е со многу поповолни каматни стапки од обврзниците кои издава државата, веројатно, само Ковачевски и неговите советници кои се платени токму од нашите пари, сметаат дека Аеродром не заслужува нови капитални проекти кои ќе се финансираат од општински средства.
На крајот дозволете ми да потенцирам дека новите детски градинки и новите училишта се реална потреба во една од најголемите и најнаселени општини во Македонија и тие мора да почнат да се градат што поскоро. Ние сме целосно подготвени, а следната година, веднаш по промената на власта, ќе започнат активностите за реализација на овие капитални инвестиции. Во меѓувреме, го повикуваме премиерот Ковачевски да најде решение, или пак да даде одговор на стотици семејства чии дечиња со години чекаат ред за упис во детска градинка во Аеродром.