Почитувани,
Имаме сериозни сознанија дека влада на СДС и ДУИ веќе подолг период наназад го планираат отворањето на рудникот Иловица. Според сите дејствија кои ги направила владата, наместо од светски реномирани компании за ископ и трговија на метали, Иловица треба да биде управувана од фирмите на семејството Дестани блиско до ДУИ.
И тука се поставува прашањето кој кого лаже? Владата меѓу себе или како по обичај, владата ги лаже граѓаните, а напротив тие точно знаат што прават?
Имено, истата оваа влада која сега вели дека е измамена, морала да даде дозвола за преземање на удели од страна на фирмата на Дестани од ДУИ. Според член 49 од Законот за концесии, со кој се уредува процесот за согласност за пренос на удели или акции, стои дека преносот на удели или акции кај субјектот, кои поединечно или во збир би довеле до промена на управувачкиот пакет во друштвото, како и пренос на акции или удели кои поединечно или во збир би довеле до промена на управувачкиот пакет кај трговското друштво кое е основач на концесионерот, но и кај физичкото лице кое е сопственик и поседува соодветен удел во друштвото, кое директно или индиректно се јавува како основач или сопственик на концесионерот не може да се изврши без претходна писмена согласност на концедентот, односно владата.
Или да биде појасно – за да преземе удел компанијата на семејството Дестани, морала да поднесе барање до Владата, која има законска опција, по истото тоа барање да одговори негативно, односно да не дозволи преземање, ако утврди дека со преземањето ќе се наруши целта со која е дадена концесијата. По преземањето на уделот и добиената согласност од владата компанијата на Дестани согласно закон била обврзана да уплати надоместок на државата во износ од 7% од вредноста на концесијата.
Која компанија плаќа за да влезе во проект за кој однапред знае дека ќе пропадне? Здравата логика кажува дека таква компанија не постои. Оттука се поставува прашањето дали е договорено се однапред? Особено ако се земе предвид дека владата можела да не дозволи влез на Дестани во Иловица, кој доаѓа на местото на светски реномирани компании како Трафигура, која е една од најголемите трговци со метали во светот со над 300 милијарди годишен обрт, и со големо искуство за ископ ширум светот.
Со што Дестани ја убедил владата да му даде согласност за влез во Иловица и дали тоа е причината поради која власта жестоко се бореше да се отвори рудникот? Особено ако однапред го знаеме фактот дека компанијата на Дестани нема искуство од копање на злато, ниту било кој друг метал.
Со што Дестани може да ги убеди граѓаните од струмичко дека нема да загадува, кои се неговите референци? Како може граѓаните да се уверат дека Дестани знае што прави, и дека нема да се контаминирана почвата и загади целата котлина? Граѓаните се со право загрижени. Криминалот на власта е очевиден.