05.09.2022

Митева: АД ЕСМ продава струја пониска од берзанската, заработката на трговецот е 60% и тоа во услови на криза

Почитувани,

Додека граѓаните плаќаат и до 50% поскапа струја, а фирмите имаат сметки и до 4 пати повисоки во однос на лани, АД ЕЛЕМ продава струја по двојно пониска цена од берзанската на трговци, кои потоа ја продаваат по берзанска цена и прават огромни профити на сметка на народот.

Имено во периодот од 30 август до 6 септември АД ЕЛЕМ распишува оглас за продажба на ноќни вишоци на струја во вкупна количина од 2000 MW/h. Во истиот период Албанската државна енергетска компанија КЕШ исто така распишува оглас за набавка на струја за период од 29 август до 4 септември по сличен профил како тој на АД ЕЛЕМ од 2100 MW/h.

Фирмата која што се јавува како купувач на струјата од АД ЕЛЕМ е ЕТМТ Енерџи, сопственост на ЕНЕРТЕЈД Албанија, на Артур Мицкај, човек од партијата на Еди Рама. Имено оваа фирма ја купува струјата по цена од 337 евра по MW/h од АД ЕЛЕМ, а ја продава по цена од 525,55 евра за MW/h на албанската државна енергетска компанија КЕШ. Разликата во цена, односно заработката што ја прави оваа фирма само од оваа зделка од 6 дена изнесува 10.800.000 денари. Струјата од 337 евра по мегават час можела да биде продадена на домашното стопанство, кое сега плаќа и повеќе од 2 пати повисока цена, или да биде продадена поскапо, а не двојно пониско од берза.

Манипулативни се изјавите на челниците од власта, кои тврдат дека струјата во ноќните часови е двојно поевтина од таа во часовите во текот на денот. Ако е така зошто албанската КЕШ ја купила истата струја од трговци по цена од 525,55 евра за мегават час? Заработката која трговецот ја ставил е 60%, и тоа во услови на криза.

Доколку дуото Ковачевски не ја водеше енергетиката и  не ја водеше државата овие пари ќе завршеа кај граѓаните или во АД ЕЛЕМ, но сега завршуваат на сметките на приватни трговци.
Почитувани граѓани,
Односот на дуото Ковачевски со енергетскиот сектор во ек на криза покажува дека не им е важна државата, ниту граѓаните, спремни се народот да тоне во сиромаштија, а тие да обезбедуваат дебели профити за приватни џебови. Ако сега се однесуваат вака, како ќе се однесуваат во екот на зимата кога цените на струјата се очекува да рушат нови рекорди? Кој е планот на дуото Ковачевски, и како Македонија ќе ја преброди зимата? Да беа барем малку одговорни, одамна ќе си поднесеа оставка.

Прашање: Коментар за тоа какви одлуки се очекува да донесе ИК вечерва, на кој начин би се дошло до референдумот?

Одговор: Денес ВМРО-ДПМНЕ доцна попладне закажа седница на Извршниот Комитет каде ќе се носи одлука во однос на предлогот за референдумско изјаснување и ќе се однесува во однос на пакетот услови кој стана дел од преговарачката рамка, а притоа истиот ги отсликува бугарските максималистички барања.

Претседателот Мицкоски отвори процес на широки консултации, беа консултирани внатрешните органи на партијата, повеќе професори и експерти по уставно право, како и широки консултации со академската јавност и коалиционите партии за што доби и поддршка за самата иницијатива.

Она што за ВМРО-ДПМНЕ е пречка е членот 5 од преговарачка рамка, кој истиот се потпира на протоколот кој пак ги содржи сите спорни делови од Договорот за Пријателство, Добрососедство, и Соработка помеѓу Бугарија и Македонија, а истиот тој договор беше склучен од страна на Заев и Борисов во 2017та година. Оттука изворот и коренот на проблемите се наоѓа токму во овој договор кој поставува фундамент на бугарските позиции од кој подоцна произлегува и преговарачката рамка и членот 5. ВМРО-ДПМНЕ мораме да потенцираме дека не ги спори и ги поддржува аспирациите за интегрирање на Македонија во ЕУ, но она што е неприфатливо за бугарските барања, тоа е промената на историјата, идентитетот, јазикот и културата.

Токму затоа размислувањата во ВМРО-ДПМНЕ а за кои ќе се дискутира на вечерашниот Извршен Комитет се на референдумот да се побара престанок на важноста на овој договор со кој  ќе се постават фундаментите за бугаризација и обезличување на Македонија. До таквиот референдум би се дошло преку собирање на граѓански потписи, а на иницијативата први потпишани ќе биде раководството на ВМРО-ДПМНЕ. По собирањето на квалификуваните најмалку потребни 100 потписи, ќе пристапи кон собирање на 150 илјади потписи од граѓаните, при што апелира власта да не го опструира овој процес.
Како гаранција дека уставните измени нема да се случат остануваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Денеска во 18 часот ќе има седница на Извршниот Комитет и околу 20 часот се очекува изјава за медиуми.