Почитувани граѓани,
Чувствуваме потреба пред да се случат сериозни последици да ги предупредиме Владата и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, да стават крај на однесувањето на нивната штитеничка Лидија Тфирст Митревска, директор на јавната општинска установа, детска градинка „Естреја Овадија Мара“ во Битола.
Со упадот од страна на Владата и министерството во ингеренциите на Општина Битола и изборот на директор без сертификат за англиски јазик и со фалсификат одлука на Управниот одбор, со позитивни луѓе на КОВИД-19 кои присуствувале на состаноците, прекршени се сите процедури и се загрозени здравјето и животот на децата и вработените. Но, ова не е се.
По назначувањето директорката тргнува во контраофанзива против сите вработени за кои мисли дека се против неа и против нејзината партија Социјалдемократскиот сојуз, злоупотребувајќи ја својата партиска моќ и блискост со министерката Тренчевска, лечејќи ги своите лични и партиски фрустрации, секојдневно врши мобинг и реваншизам врз вработените. Вработените се обидуваат да се заштитат преку синдикалната организација, но и самиот Синдикат е подложен на притисоци и закани.
Како круна на своеволното и незаконито однесување таа спротивно на Хасап стандардите, ги присилува дел од вработените кои работат во кујна, во ист ден да извршуваат работни задачи во кујна и да чистат тоалети со истата облека, со што директно се загрозува здравјето на децата.
Своеволното однесување на директорката и незаконското работење продолжува и понатаму и вршењето притисоци и мобинг резултираат со малтретирање на вработените кои се вознемирени, им се загрозува здравјето и се приморани да го напуштат работното место и да побараат лекарска помош. При обидот да се побара заштита од синдикалната организација директорката продолжува со уцени и закани, демонстрирајќи сила и моќ над вработените, со поддршка на министерката Тренчевска на која постојано се повикува.
И покрај сите докази за нелегален избор на директорката Тфирст Митревска и нејзиното незаконито работење, министерката Тренчевска останува глува пред фактите и се води од партиски и лични мотиви и свесно го прекршува Законот за заштита на децата.