27.02.2023

Лефков: Владата и ЈО да не го премолчуваат криминалниот октопод на Груби

Зачудува молкот од владата, молкот од ЈО и од ДКСК, за скандалот поврзан со Артан Груби и неговата семејна фирма.

Мислат дека ако молчат тоа ќе се заборави. Институциите треба во итна постапка да испитаат како може братот на Артан Груби да се стекне со луксузен деловен простор, во строгиот центар на Скопје, од 127 метри квадратни, а истиот да е платен само 100.000 евра.

Според ова, произлегува дека метар квадратен семејството Груби платиле за само 700 евра, а реалната цена е над 3000 евра.

Граѓаните во Скопје, за 700 евра по метар квадратен, не можат да купат ниту гаража, а не пак супер луксузен локал. Очигледно Артан Груби е фатен во небрано и затоа од една лага влегува во нова.

Нема да му помогнат ниту нарачките по портали под негова контрола, нема да му помогнат ниту притисоците врз ЈО.

Народот веќе може да го види октоподот, кој што го создал околу себе и кој служи за богатење, во услови кога сите останати граѓани осиромашуваат.

Ги повикуваме уште еднаш институциите, да го истражат овој скандал и да проверат како е возможно семејството Груби да се стекне со имот 5 пати поевтин од пазарната цена.

Да истражат дали семејството Груби платило повеќе но во кеш, со цел да го скрие потеклото на парите.

Да испитаат дали Артан Груби ја искористил и злоупотребил позицијата во која што се наоѓа и на тој начин му помогнал на својот брат, да прибави ваква имотна корист.

Скандалите околу Артан Груби од ден на ден растат, а Ковачевски молчи  за тоа.

Јасно е дека позначајна им е криминалната коалиција, отколку правдата и вистината. Додека тие се уортачени во своите матни зделки и личното богатење, граѓаните и Македонци и Албанци и сите останати тонат во сиромаштија и  безнадежност.

Правда и одговорност за овој скандал, како и многуте други поврзани со оваа Влада мора да има!