-Само пред неколку недели вашиот главен адут со кои што ветувавте дека ќе донесе подобро судство, промени во правосудството, вашата главна надеж дека можеби барем 1% доверба плус меѓу граѓаните ќе добиеме во правосудниот систем, излезе и ви рече дека функционирате како Пазар 3, а вие се однесувате привидно смирено. Истовремено слушате од вашите довчерашни коалициони партнери како биле веќе уверени дека вие манипулирате, дека лажете, дека им е жал што си фатиле работа со вас, дека биле тотално изневерени и од нивните ветувања и очекувања и како луѓе и како партнери и вие глумите привидна смиреност, рече пратеникот Тони Јаревски на денешната собраниска седница.
Пратеникот Јаревски посочи дека мора решително да и се застане на патот на оваа криминална влада, пред да биде предоцна.
-Нашата генерација има борба со нај опасните противници. Противник на кој мора решително да му се застане на патот и да се сопре додека не е предоцна. За жал противникот на нашата генерација е токму владата на Република Македонија. Нашата генерација ги живее можеби најтажните денови на демократијата во Македонија. Живееме во време во кое функционерите на оваа власт наместо грижа за институциите кои ги раководат единствено се грижат тендерот да го добијат фирмите на СДСМ или ДУИ. Наместо заштита на јавниот интерес имаме битка за личните кариери на Груби и Ковачевски. Наместо развој на државата, единствено што се развива се нивните банкарски сметки, криминалот и корупцијата. Граѓаните секој ден се посиромашни, позадолжени, властодржците секој ден се побогати и покомотни, кажа Јаревски.