Имаме можност во 17:30 часот да дискутираме за еден закон кој што е едно олицетворение на една хипокризија и на едно лицемерие прикажано од овие кои што се моментално на власт, претставено во неколку степени. Прво сакам да претставам на јавноста, на многумина на кои што се тука кои ги гледам во собраниските клупи кои што мавтаа со една премиса „Нема правда, нема мир“ и носеа маици во 6 пред СЈО и велеа дека ќе ја вратат правдата, а криминалците од тогашното владеење ќе ги испратат во затвор. И сега имаме еден случај каде што шест години континуирано она за кое што би кажал лицемери се занимаваа и кажуваа дека ќе го сменат, не само што не го сменија туку го направија да биде уште полошо, истакна Бојан Стојаноски на денешната собраниска седница за изменување и дополнување на Кривичен законик.
„Она кое што е важно, и кое што треба да се напомене е дека вчера во оваа сала истото што го кажав и на Комисијата за европски прашања, усвоивме два заклучока, едниот беше да се одржи надзорна расправа за случајот во Онкологија, а вториот беше да се расправа за Извештајот на Државниот завод за ревизија за истите случувања согласно Извештајот на Државниот завод за ревизија за 2021 година. За првата точка образложението беше дека нема материјали, а за втората точка мнозинството гласаше против да биде втора точка на Дневен ред. Па, можевме денеска наместо да дискутираме за Кривичен законик кој што рекордно време е донесен, вчера е влезен во Собранието и денеска ќе стапи во сила, да разговараме конкретно за Извештајот за 2021 година за она што се случува во Онкологија“, нагласи пратеникот.
Стојаноски додаде дека за власта не е приоритет случајот со Онкологија за жал. Туку на власта е приоритет ова што се говори денеска.
„Она кое што цел ден го пренесуваат медиумите е несоборлива вистина, а јас сакам да ја потсетам јавноста на едно време 2016-тата, 2017-тата година кога тогашните надежни шарени револуционери тогаш префрлени нели во цивилната управа на државата, од оваа говорница беседеа и тогашниот предводник на Шарена револуција, Павле Богоевски ги има дадено следниве изјави дека таквите предлози тогаш поднесени од поединци се скриена амнестија или јавна манипулација. Внимавајте, господинот Богоевски кој бил пратеник на СДС, сегашен член на СДС вели вака – „Една работа треба да ни биде кристално јасна Иницијативата против член 353 став 5 од Кривичниот законик, за која во моментов расправа Уставниот суд е опасност за случаите на СЈО“. И потоа исто така во таа година 2019-тата Богоевски го прашува Пендаровски дали би дозволи да правно пропаднат дел од постапките на СЈО. И сега неколку години подоцна истите тогаш кога му аплаудираа и го поддржуваа, сега се потписници, односно се поддржувачи на таков закон потпишан од претседателот на СДС. И сега имаме молк“, потсети Стојаноски.
Тој посочи дека овој закон ќе го урниса целиот систем во државата.