28.09.2023

Стојаноски до Ковачевски: Дали како родител сте спремен да ги амнестирате помагателите на убиствата на децата кај Смилковското езеро со предложениот закон за амнестија?

На денешната собраниска седница пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски упати три прашања до Ковачевски. Првото прашање се однесува на тоа дали Ковачевски како родител е спремен да ги амнестира помагателите на убиствата на децата кај Смилковското езеро со овој закон кој го предложува во Собранието?

„Во вашиот предложен закон за амнестија господине Ковачевски деликтите како тешка телесна повреда, загрозување со  опасно орудије при тепачка, противправно лишување од слобода, мачење или друго сурово нечовечко или понижувачко постапување, грабнување, малтретирање во вршење на службата, згрозување на сигурноста, повреда на угледот на Република Македонија, излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците, запуштање и малтретирање на малолетно лице, неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекусори, овозможување на употреба на наркотични дроги, тешки дела против здравјето на луѓето, кражба, кражба на електрична енергија, топлинска енергија или гас, тешка кражба, измама, бесправно градење, оштетување или повластување на доверители, изнуда, уцена, лихварство, перење пари, фалсификување пари и други преноси од казниво дело, даночно затајување се делата кои ќе бидат амнестирани доколку вашиот закон во Собранието помине“, истакна Стојаноски.

Тој додаде дека има еден загрижувачки дел од овој закон каде се амнестираат оние кои се воени повратници кои војувале во други држави како оние од ИСИС и една вознемирувачка информација која не може да го остави рамнодушен, а тоа е дека со овој закон ќе се амнестираат и ќе бидат на слобода две лица за помагање на тешкото и мачно грозоморно убиство на децата кај Смилковци.

Неговото второ прашање се однесуваше на кривичниот законик и амнестијата која ја направија пуштајќи ја со европско знаменце и  со тоа го направија набрзо изгласан закон во историјата на Собранието.

„Со тој закон се елиминираат 2 важни члена а тоа е законот за злоупотреба службена должност и злосторничко здружување нешто заради кое и вашата партија првично имаше момент да организира протести со „Нема правда, нема мир“ и дека сите криминалци ќе одговараат“, рече Стојаноски.

Стојаноски конкретно го праша Ковачевски со кој се консултирал тој и врз кој точен акт на Европската Унија амнестира функционери од одговорност. Тој запраша во која друга држава е донесен ваков закон со кој се амнестираат функционери од сторена одговорност?

„Наместо владеење на правото вие со овие два закони ќе направите и ќе го официјализиравте тоа веќе што се случува во оваа државата. Тоа е дека со оваа држава не владее Владата, не владеат оние кои седат во Владата туку владее мафијата која има киднапирано државата и која исклучиво ги користи институциите за тендери во четири очи. Ова е ништо друго освен брза амнестија на криминалот на ДУИ и СДСМ односно сите оние деликти кои се случени до 2019-та година тие дела застаруваат“, рече Стојаноски.

Во однос на третото прашање Стојаноски истакна дека оваа Влада од аспект на економската политика е најслаба во историјата до сега.

Стојаноски го запраша Ковачевски дали после потрошени 24,6 милијарди евра за овие 6 години дали тој како човек  е задоволен од економската состојба во Република Македонија

„Третото прашање кое е неминовно неколку дена ве гледаме вас и министерот за економија како шетате по маркетите и се фалите дека конечно ја ставате инфлацијата под контрола нешто што сметаме дека апсолутно не е вистина. Во последните две години цените на храната и пијалаците се имаат покачено за 50 проценти, за последните 6 години јавниот долг е зголемен за 100 проценти односно кога замина ВМРО-ДПМНЕ беше 4,7 милијарди сега е некаде 8,3 со големи тенденции да стигне до крајот на годината до 9 милијарди затоа што вие лично најавивте ново задолжување од 300 милиони евра од 9 до 12ти месец без при тоа да кажете како ќе го покриете дефицитот во буџетот“, изјави Стојаноски.