18.07.2023

Стојаноска: СДС и ДУИ со нов штетен закон подметнуваат темпирана бомба за здравјето на граѓаните, се префрла надлежноста за депонии за нуклеарен отпад од Дирекцијата на ИЈЗ која нема соодветен кадар

Почитувани,

Владата предводена од СДС и ДУИ продолжува со уништувањето, наместо со унапредувањето, на здравјето на граѓаните.

Имено, денес пред нас е на повидок уште еден лош закон. Со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, кој повторно се поднесува по скратена постапка, Владата преку пратениците на владејачкото мнозинство подметнува темпирана бомба за граѓаните.

Конкретно, измените на законот се состојат од префрлање на надлежноста од Дирекцијата за јонизирачко зрачење на Институтот за јавно здравје, само за депонии за нуклеарен отпад.

Оттука, бараме некој од предлагачите да ни образложи дали Институтот за јавно здравје поседува соодветен кадар кој би работел на оваа проблематика, соодветна апаратура за мерење на зрачењето, односно емисиите од тие депонии и контаминацијата на почвата, и зошто се префрлаат ингеренциите од Дирекцијата, каде постои ваков компетентен кадар.

Се поставува и прашањето – Зошто, ако веќе законски е забранет увоз на радиоактивен отпад, на сред лето се предлагаат вакви измени!?

Овде мора да има некоја замка, во спротивно би се одело на широка дебата, на редовна постапка и на консултација и информација на целата македонска и експертска јавност.

Не е прв пат власта да подметнува вакви сомнителни законски решенија и затоа, загрижени за јавното здравје кое е загарантирано со Устав, бараме или повлекување на овој предлог по скратена постапка или нема лесно да дозволиме да помине ова сомнително законско решение.