22.02.2023

Силјановска Давкова: Ковачевски е заложник на лидерите на партиите кои му октроираат министри

Субјект на денешната дебата е господинот Џемаил Чупи, министерот без ресор задолжен за дијаспора. Дијаспората е уставна категорија и грижата за неа е уставна категорија. Очекував сериозни аргументи зошто се разрешува министерот одговорен за дијаспора, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова на денешната собраниска седница.

Таа истакна дека парламентот секаде се перцепира како школа на демократијата, тело во кое се дебатира со аргументи, се филозофира за принципите на политичката филозофија, овде тоа го нема, но го имало.

– Ние креираме политики што ги спроведува владата и затоа многу важно кога се бираат министри, кога се формира влада, кога се разрешуваат, токму да се тргне од филозофијата на парламентаризмот, односно од одговорноста на тие луѓе за јавните работи. Денес во сите парламенти важи еден надвор, сите надвор, нема индивидуална одговорност, туку колективна. Премиерите си го бираат тимот и се одговорни. За жал премиерот Ковачевски, вие сте заложник на лидерите партиите од кои некои не се јавиле овде кои ви октроираат министри во духот на консензуалната демократија, но ова не е консензуална  демократија туку остатоци од собраниски систем, истакна таа.

Силјановска Давкова нагласи дека неевропски е мнозинството да реплицира наместо да презентира аргументи.

Не го разрешуваме ние министерот, премиерот предлага. Сакам да чујам што значи разрешувањето за владата, зошто го разрешувате, како постапувал. Според извештајот на парламентарниот институт сме оценети ниско, наместо да се качува квалитетот на дебатата, тој паѓа драматично, изјави таа.