25.05.2023

Поцкова: Со законските измени се дава повластица на изведувачот на коридорите, со суспендирање на Законот за јавни набавки и дерогирање на законите за царина и акцизи

Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурните коридор 8 и 10Д е последен од пакетот на закони во Собранието донесени со европско знаменце, вели од говорницата на македонското Собрание пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Јадранка Поцкова.

Таа додаде дека во Собранието стана пракса, за жал, да се злоупотребува европското знаменце, заради што имаше реакции и од канцеларијата на делегацијата на Европската Унија и од Европската комисија, и евроамбасадорот Гир.

Поцкова истакна дека се доставуваат празни табели за усогласеност со европското законодавство и единствено има потпис од предлагачот и никаква усогласеност која треба да биде основ за усогласување, додавајќи дека договор од 400 страни треба да биде јавно објавен и граѓаните имаат право да знаат што стои во него.

„Кога беше донесен предлог законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурни коридори, каде што предлагачи беа група пратеници во 2021 година, ДКСК во јули 2021 година го оспори овој закон пред Уставен суд, затоа и во исто време достави иницијатива за оценување на уставноста на законот. Со посебен предлог за издавање на времена мерка за стопирање на неговата примена, се додека судот не се произнесе.  Со овој закон прв пат се предвидува изградба преку нов модел без распишување тендер, за кој што власта уверува дека ќе ги даде најбрзите и нај оптималните резултати во изградба на патната мрежа“, рече Поцкова.

Таа истакна дека за ова предлог законско решение се изјасни и Уставен суд кој што одговори дека со него се суспендира Законот за јавни набавки, а со истиот се дерогираат постоечките закони за Царина и Законот за акцизи.

„Уставен суд одговори дека со овој закон се суспендира законот за јавни набавки. Со измените на овој предлог закон се дерогира Законот за царина, Законот за акцизи, Законот за јавни набавки се заобиколува и се даваат повластици на стратешкиот партнер. Државата ќе се откаже од многу даноци, се предвидува и ослободување од ДДВ, увозни давачки, акцизи на енергенси и данок на  моторни возила на увозот, кој е извршен од страна на стратешкиот партнер“, истакна, меѓу другото, пратеничката Поцкова.