28.02.2023

Поцкова: Ковачевски ги разрешува замениците министри со цел да ги задоволи апетитите на Алијанса за Албанците

Замениците министри се менуваат само за да се задоволат апетитите на Алијанса за Албанците, рече пратеничката Јадранка Поцкова на вечерашната собраниска расправа за разрешување на замениците министри.  

Пратеничката укажа и за состојбата на евроинтеграцискиот процес на Македонија.
„Додека зборуваат само за ЕУ, на дело ништо не може да се види европска вредност. Оваа влада само успеа да го зголеми евроскептицизмот, поддршката за ЕУ никогаш не била пониска. Сето е резултат на погрешните политики на Владата“, констатира Поцкова. 
Според пратеничката Поцкова Владата нема капацитет да се справи со актуелните проблеми. 
„Имаме нарушен образовен систем, има дојави за бомби, учебници или нема или се погрешни. Прашањето за учебниците по историја пак е тема на мешовитата комисија меѓу Бугарија и Македонија, што значи  историјата ќе ни се ревидира во Бугарија. Земјоделието тоне, системот на субвенции за земјоделците е нереален и земјоделците веројатно ќе останат без истите. Субвенциите ќе се поделат само на неколку фирми“, рече Поцкова говорејќи за низата погрешни политики на Владата.
Пратеничката Поцкова укажа дека Ковачевски и вицепремиерот Артан Груби се интересираат само за семејниот бизнис.

„Сопругата на Ковачевски се занимава со бизнис со струја, братот на Груби купува бизнис локации по багателни цени“, посочи Поцкова.