28.07.2022

Петкоска до власта: Што уште треба да нè снајде за конечно да се сервисираат авионите за гаснење пожар?

„Денес ќе поставам 3 пратенички прашања, од кои првото е до претседателот на владата – Димитар Ковачевски, но доколку имаме покомпетентен претставник од владата, може слободно да даде одговор на првото прашање, второто прашање е до Министерката за култура – Бисера Костадиновска Стојчевска и третото до министерот за транспорт и врски – Благој Бочварски“, истакна пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска на собраниската седница за пратенички прашања.

„Првото прашање се однесува на пожарите кои беснеат низ државата, а вашата власт не може да се организира и да ги изгасне. Иако најлош начин за учење е да учите од грешките, за жал ниту ланските грешки не ве освестија да ја научите лекцијата и конечно да покажете грижа. Како и ланското лето, така и оваа година, сезоната на пожари ја дочекуваме целосно неподготвени.Сите сме сведоци на фактот дека институциите не реагираат на време и заради неажурноста на надлежните, горат големи површини шума“, рече Петкоска.

Петкоска посочи дека пожарите ги извадија на површина сите слабости на системот за брза интервенција и спречување на катастрофалните последици од пожарите.

„Моето конкретно прашање е до каде е сервисот на авионите за гаснење пожари и зошто сè уште не е направен или уште поконкретно, што уште треба да нè снајде за конечно да се сервисираат авионите за гаснење пожар“, запраша пратеничката.

„Второто прашање до министерката за култура се однесува на Министерството за култура и управата за заштита на културното наследство. Имено, во изминатиов период од половина година, вработените во Министерството за култура и во Управата за заштита на културното наследство, непрекинато ги извршуваат своите работни обврски кои подразбираат креирање на нови културни политики, изработка на стручни анализи и стратегии за подобрување на состојбите во културата. Но, за жал, кога е во прашање подобрувањето на нивниот статус во насока на валоризирање на нивниот труд, работите очигледно не одат како што треба“, појасни Петкоска.

„Оттука, моето конкретно прашање до Вас министерке е до каде е постапката за потпишување на Колективниот договор за вработените во Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство, што вие како министер за култура имате преземено до овој момент за негово потпишување, односно за подобрување на состојбата за зголемување на платите и за подобрување на статусот на вработените во Министерството за култура и во Управата за заштита на културното наследство“, запраша пратеничката Петкоска.

Пратеничката третото прашање го постави на министерот Благој Бочварски, за кога охриѓани и стружани можат да ја очекуваат комплетно завршената велосипедска патека Охрид – Струга.

„За да ви биде појасно министре Бочварски, ве информирам дека во текот на амандманската расправа на ребалансот на буџетот поднесов амандман за изградба на велосипедска патека Охрид – Струга со кој побарав 10.000.000 денари. Амандманот беше прифатен во видоизменета форма и за оваа цел се доделени само 3.000.000 денари, односно средства кои би биле доволни само за изработка на основен проект. Од таа причина, ме интересира кога охриѓани и стружани можат да ја очекуваат комплетно завршената велосипедска патека Охрид-Струга? Не случајно го поставувам ова прашање министре, со најискрена надеж дека оваа патека нема да ја доживее судбината на автопатот Охрид – Кичево“, нагласи Петкоска.