15.07.2022

Николоски: Додека прават бугаризација, не забораваат да крадат, местат тендер во РЕК и се задолжуваат 100 милиони евра

„Треба неколку работи да разјасниме пред македонската јавност. Прво, зошто сме денес овде и зошто сме како држава доведени во оваа ситуација. Доведени сме овде и во оваа ситуација затоа што на едната страна ја имаме Бугарија која што максимално ги штити сопствените национални интереси и позиции кои што не се од вчера туку се истите од пред 150 години, и се многу едноставни. И според Бугарија на оваа територија живеат доминантно бугарско население кое што зборува дијалект на бугарскиот јазик. Тоа е една национална стратегија која е на Бугарија веќе 150 години. А, од другата страна имаме Влада која што е длабоко влезена во криминал и во корупција и на која што единствено и треба сликање за да продолжи неколку дена мандат“, истакна Александар Николоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница.

Николоски додаде дека додека во моментов пратениците во Парламентот разговараат и дебатираат во РЕК Битола се местат тендери во корист на власта.

„Додека ние во моментов разговараме во РЕК Битола се подготвува Анекс на тендерот во четири очи кој што беше доделен околу Нова година во вредност од 28 милиони евра. Значи на 28 милиони евра тендер доделен во четири очи, додека ние разговараме овдека подготвуваат Анекс, како што вчера ви стигна материјал дека ќе се гласа за задолжување за ЕЛЕМ во вредност од 100 милиони евра за да дополнително таму да се прави криминал и корупција. Значи додека јавноста се занимава со ова, паралелно криминалот и корупцијата си тече и затоа им треба уште некое сликање“, нагласи Николоски.

Тој посочи да нема манипулација со јавноста бидејќи преговарачката рамка ја усвојува Влада.

„И на оваа преговарачка рамка од Владаа кажаа ДА уште во средината на јуни, кога претставници на министерството за надворешни работи и Кабинетот на претседателот Макрон доаѓаа тука во Скопје неколку пати и се среќаваа со нив. и од оваа преговарачка рамка тие не можат да мрднат затоа што кажале ДА. Оваа преговарачка рамка или се усвојува или се отфрла. И едното и другото можат да го направи Влада, а не Собранието. Овдека седиме два дена и веројатно и ќе седиме уште некој ден од причина што сакаат да си ја исперат совеста пред јавност и да излезат во јавност и да речат еве Собранието одлучи“, потенцира Николоски.

Николоски укажа дека Собранието не може да одлучи затоа што точкава се вика Информација, не се вика точката Усвојување на преговарачка рамка. Значи се информира Собранието за нешто што не е во негова надлежност. Затоа што да беше обратно ќе можеше во Собрание да се поднесуваат амандмани на преговарачката рамка и истите да се усвојат и после тоа Владата како финален документ да го достави во Брисел.

„Единствениот начин  да се смени преговарачката рамка е да се интервенира директно на начин што Владата ќе испрати во Брисел свои гледишта на преговарачката рамка и ќе рече или ќе се сменат овие работи или ние не ја прифаќаме преговарачката рамка. Кратко треба да кажат ни треба чист јазик, ни треба немешање во историјата, ни треба да нема промена на Устав“, нагласи Николоски.